Трајко Славески на чело на Народната банка

Трајко Славески, актуелниот претседател на Советот на Град Скопје, универзитетски професор на Економскиот факултет во Скопје и поранешен министер за финансии, е предлогот за нов гувернер на Народната банка. Предлогот е доставен до Собранието, каде што треба да биде верификуван од народните избраници. За да биде избран,  потребно е просто мнозинство или гласови од најмалку 61 пратеник. По неговиот избор во Собранието и со стапувањето на функција, тој ќе мора да се откаже од политичката активност, бидејќи, според Законот за Народната банка, во текот на мандатот гувернерот не смее да биде член на политичка партија или на синдикат

942

Предлог за нов гувернер на Народната банка е актуелниот претседател на Советот на Град Скопје, универзитетски професор на Економскиот факултет во Скопје и поранешен министер за финансии, Трајко Славески. Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова веќе го доставила својот предлог до Собранието, кое треба да го избере новиот гувернер на Народната банка на пленарна седница со просто мнозинство, односно за него треба да гласаат најмалку 61 пратеник. Гувернерот има мандат од седум години, со право на реизбор.

– При донесувањето на одлуката, претседателката се водеше од стручноста, компетентноста, дигнитетот, интегритетот, како и од реалната можност за именување на кандидатот. Би сакале да потенцираме дека беше тежок изборот, со оглед на докажаниот квалитет на сите кандидати – соопштија од Кабинетот на претседателката.

Професорот на Економскиот факултет во Скопје и актуелен претседател на Советот на Град Скопје, Трајко Славески, беше меѓу тројцата најсериозни кандидати што се споменуваа, покрај актуелната гувернерка, Анита Ангеловска-Бежоска, и поранешниот министер за финансии, Зоран Ставрески.

Трајко Славески е редовен професор на Економскиот факултет при Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“, каде што предава макроекономија и државна регулација. Тоа практично значи дека макроекономијата, фискалната политика и меѓународните финансии се негова потесна специјалност. Инаку, на овој Факултет Славевски ги минал сите скалила – од додипломските студии до докторатот.

Покрај редовен професор на УКИМ, Славески бил и визитинг- професор на државниот Универзитет во Аризона, предавал и на последипломскиот студиум South Easteren European Studies на националниот и каподистриски Универзитет во Атина.

Во првата влада на Никола Груевски, тој беше министер за финансии. Како долгогодишен член на ВМРО-ДПМНЕ, има учествувано во изработката на партиските програмски документи.

По неговиот избор во Собранието и со стапувањето на функцијата, тој ќе мора да се откаже од политичката активност, бидејќи, според Законот за Народната банка, во текот на мандатот гувернерот не смее да биде член на политичка партија или на синдикат.

И претседателката Сиљановска-Давкова претходно упати апел до новиот гувернер: додека е на функција, да заборави на партиските влијанија и да се води од предизвикот на професијата.

– Според Законот, функцијата е инкопатибилна со партиското членство. Ние имавме извонреден гувернер, Петар Гошев, кој беше претседател на партија. Значи, немало проблем со тоа. Работата е во тоа додека функционирате, да заборавите на партиските влијанија и да се водите од предизвикот на професијата – изјави претседателката Сиљановска-Давкова.

Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ ќе даде поддршка за предлогот Трајко Славески да биде иден гувернер, изјави премиерот Христијан Мицкоски.

Тој рече дека согласно Уставот обврска на претседателот на државата е да го даде предлогот за гувернер.

– Тоа е одлука на претседателот на државата, не е одлука на Владата. Согласно Устав, претседателката на државата го поднесува тој предлог така што немам што да коментирам. Предлогот ќе ја добие поддршката од пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ – рече Мицкоски.

Мандатот на актуелната гувернерка, Ангеловска-Бежоска, истече вчера и ова прв пат во историјата на Македонија да не се изгласа наследник во законскиот рок. Но, според Законот, сè до изборот на нов или до реизборот на постојниот, функцијата, со целосни овластувања, ја извршува гувернерот, чиј мандат е истечен.

Гувернерот има основна задача да ја претставува НБМ, ги претставува монетарната и политиката на девизен курс, одлучува за издавање дозволи на финансиски институции, ги одзема дозволите, ги контролира банките.

Инаку, функцијата гувернер на централната банка пред Ангеловска-Бежовска ја извршуваше Димитар Богов (2011-2018), а претходно Петар Гошев (2004-2011), Љубе Трпески (1997-2004) и Борко Станоевски (1986-1997).

(А.С.)

 

ИЗДВОЕНИ