Најмалку 15 лица загинаа откако автобусот во кој патувале се превртел во североисточен Бразил, соопштија денес локалните власти.
Автобусот превезувал 60 лица кои се враќале од поклонение кога несреќата се случила утрово на кривулест дел од автопатот во руралната држава Алагоас, објави „Би-би-си“.
Меѓу загинатите има три деца, а некои од повредените се префрлени со хеликоптер во болница, се вели во соопштението.
Властите изјавија дека веруваат дека возачот ја изгубил контролата врз автобусот, поради што тој излетал од патот и се превртел неколку пати.
Патниците учествувале на поклонението на Богородица Кандехас, религиозен фестивал во државата Сеара.
Гувернерот на државата Алагоас прогласи тридневна жалост.












