Трагичен инцидент на трка во Австралија: Тринаесет лица се повредени откатко автомобил влета во публиката

121
Фото:принтскрин/видео Х

Тринаесет лица се повредени, од кои две потешко, откако автомобил се заби во публиката за време на дерби за разурнување во југоисточна Австралија. Несреќата се случила вчера вечерта во градот Валча, соопшти полицијата, објави „Би-Би-Си“.

Инцидентот се случил кога возило кое учествувало во трката пробило заштитна ограда и удрило во трибините, според соопштението од полицијата на Нов Јужен Велс. Трката била дел од годишното рели за мотоциклисти во Валча и била дерби за разурнување, популарен мотоспорт во кој возачите намерно ги удираат своите возила.

Според полицијата, 27-годишниот возач на автомобилот бил вклучен во судир на патеката непосредно пред да се пробие низ бариерата. Повредените гледачи се на возраст од 20 до 75 години, а меѓу критично повредените е и 54-годишен маж.

Истрагата за сите околности на несреќата е во тек.

Брендан Мојлан, пратеник од регионот Северни Тејблендс, денес изјави дека девет лица се уште се во болница и дека „сите сега се опоравуваат“. Советот на Валч, организаторот на настанот, на својата Фејсбук страница изјави дека е „шокиран и згрозен од несреќата“.

Порачаа дека ќе соработуваат со властите за да „испитаат околностите што доведоа до несреќата“ и дека би било „несоодветно“ да се даваат дополнителни коментари додека не заврши истрагата. Пратеникот Мојлан им се заблагодари на службите за итни случаи и на другите набљудувачи за нивната „брза и неверојатно професионална работа на местото на настанот“. „Моите мисли се со сите погодени“, напиша тој.

Поранешниот заменик-премиер Барнаби Џојс, исто така, се огласи на Фејсбук, пишувајќи дека неговите „мисли, молитви и надежи“ се со повредените во несреќата. „Толку тажен крај на толку голем настан“, рече Џојс.

ИЗДВОЕНИ