Аеродромот „Ил Караваџо“ во близина на италијанскиот град Бергамо привремено ги прекина летовите поради инцидент на пистата, за кој локалните медиуми објавија дека е предизвикан од лице кое втрчало на пистата и било вовлечено во моторот на авионот.
Управата на аеродромот Бергамо-Милано објави дека сите летови на аеродромот Бергамо-Орио ал Серио се прекинати од 10:20 часот наутро до пладне по локално време „поради проблем што се појавил на патеката за полетување“, објавува „АП“.
Истрагата е во тек.
Весникот „Кориере дела Сера“, повикувајќи се на неименувани службеници на аеродромот, објави дека некој втрчал на пистата додека авионот полетувал и бил вовлечен во моторот.
Сè уште не е познато како или зошто починатото лице завршило на пистата, бидејќи тој не бил ниту патник ниту вработен на аеродромот.
Авионот, „Ербас А319“ управуван од „Волотеа“, летал од Орио до Астурија во Шпанија.
Аеродромските власти не дадоа коментар.