Нови апсења поврзани со работењето на кочанската дискотека „Пулс“, истрагата е проширена кон поранешни и кон актуелни вработени во Управата за јавни приходи (УЈП), од Штип и од Струмица. Станува збор за вкупно 11 приведени, дел од нив биле на раководни позиции во даночната управа, а нови пријави за давање награда заради противзаконско влијание и фалсификување исправа, неофицијално, заработија и сопствениците на „Пулс“, кои се наоѓаат во притвор.
Од информациите од истрагата, најголем дел од приведените даночници од Истокот се сомничат за примање поткуп и за злоупотреба на службата. Јавниот обвинител Љупчо Коцевски изјави за медиумите дека приведувањата се поврзани со предметот за Кочани, како и дека за дел од приведените се доставени и соодветни електронски комуникации и пораки.
„Јавноста беше запознаена дека се водеше предистражна постапка за лица вработени во Управата за јавни приходи. Денеска се приведени околу десет лица и во моментов се вршат претреси на лицата опфатени со кривичната пријава. Во овој момент можам да кажам само дека се работи за вработени во УЈП, а за кривични дела допрва ќе видиме. Првичните сознанија се дека се работи за кривичните дела – злоупотреба на службена положба и овластување, како и примање и давање мито, изјави државниот обвинител Коцевски.
Неофицијално, меѓу приведените е поранешниот раководител во штипската Управа, Д.П. кој, според истрагата, бил во контакт со сопственикот на „Пулс“, а комуникацијата во вид на транскрипти ќе биде дел од доказите. Истрагата ја води кочанското обвинителство, и доколку има потреба, случајот ќе го преземе Обвинителството за организиран криминал и корупција, кажа обвинителот Коцевски.
Судењето за пожарот во „дискотеката на смртта“ почна со многу прашалници за јавноста, од тоа колку време ќе им се суди на обвинетите, до тоа во какви објекти нашите деца го поминуваат ноќниот.
Во многуте коментари на социјалните мрежи по првото судење за кочанската трагедија, се издвои тој на поранешниот в. д градоначалник на Кочани, Венко Крстевски, кој го замени обвинетиот поранешен градоначалник Љупчо Пецаков.
„Што правиме со дивоградбите, угостителски објекти во трговски, за кои поднесов кривична пријава пред точно 5 месеци, бидејќи имав саботажа од општинските инспектори?! Треба ли да се случи нова хаварија со човечки жртви за да се постапува? Што значи правда за Кочани, ако лекцијата не е научена?“ напиша Крстевски на „Фејсбук“.
Во воведниот говор, обвинителот Борче Јанев од Кочани, кажа дека непостапувањето на сите надлежни институции го охрабриле сопственикот на „Пулс“, Дејан Јованов, да продолжи да гради и, воопшто, да работи, без да праша.
– Лиценцата за работа требало да биде круна на темелна проверка, а доказите покажуваат дека никоја од нив не смеело да биде издадена, кажа обвинителот на судењето.
А според Пазарниот инспекторат, во моментов, во земјава легално работат 17 објекти со лиценца за кабаре, дискотека и ноќен клуб, од кои 5 од лиценците се нови во последните три месеци. На 5 угостителски објекти од овој вид, лиценците им се одземени и за нив има постапка по жалба пред второстепена комисија, велат од ПИ.
– Жалбата го одложува дејството и дел од нив работат, но на нивно барање се извршени инспекциски надзори и констатирано е дека неправилностите поради кои им била одземена лиценцата се отстранети, вели директорот на пазарната инспекција, Влатко Стојкоски, за весникот ВЕЧЕР, и уверува дека кај секој угостителски објект е извршен инспекциски надзор и се постапува во согласност со законот, доколку се најдат неправилности, може објектот да се затвори или да биде парично казнет.
Меѓу обвинетите за трагедијата во дивата дискотека се двајца поранешни министри за економија, поранешен директор на пазарната инспекција, директори во ДЗС. Во работниот план на Дирекцијата за заштита и спасување за оваа година, стои дека ќе направат 1.230 инспекциски надзори од кои 723 редовни, а 154 вонредни и 353 контролни.
„Иако сите општини не се покриени со инспектор за заштита и за спасување, планирано е да се извршат инспекциски надзори со инспектори од Скопје или од соседните општини и тоа ќе биде остварено во зависност од расположливите материјално-технички ресурси“, стои во планот на ДЗС.
Обвинителството во обвинението гони и Н. Н одговорни и надлежни кои придонеле за масовната гробница од млади луѓе што се случи во Кочани.
Во телевизиско интервју, обвинителот Коцевски кажа дека обвинителите за „Пулс“ немале притисоци кога го пишувале обвинителниот акт. За формирањето на анкетна комисија во Собранието, Коцевски смета дека не би било целисходно и потребно во овој момент, а дека по судската постапка може да се формира таква комисија за да се бара политичка одговорност, порача „политиката да ги тргне рацете од оваа постапка затоа што се води судска постапка“.
На новинарско прашање, премиерот Христијан Мицкоски исклучи секакво политичко мешање на Владата во предметот „Пулс“.
– Не знам дали некогаш во демократска Македонија и пошироко се случило обвинители и судии здружено да нападнат претседател на Влада за кажан збор во демократска држава. Јас го доживеав тоа. Така што, не знам како би можело да има политичко мешање од страна на Владата. Тоа го исклучувам, изјави Мицкоски.
Семејствата на жртвите за време на последниот протест, кој се одржа во Скопје, побараа Комисија за политичка одговорност во Собранието. (П.А.)












