Многу прашања останаа неодговорени по смртта на двегодишниот Нагип од Скопје кој почина пет минути по Новата година од истрел на огнено оружје чиј дел од проектил завршил во главата на детето. Обзнанувањето на веста од страна на истражните институции остана на штури информации се додека семејството на починатото дете јавно обвини за недозволено полициско постапување врз нив.
Што навистина се случувало за време на новогодишната ноќ во инпровизираната населба кај топланата БЕГ, покрај Вардар, обвинителството треба да одговори откако ќе го добие обдукцискиот наод од Судска медицина. На семејството Арслани, кои го загубија најмладиот член, им било речено дека конечниот извештај ќе биде готов за три недели, она што со сигурност им било потврдено е тоа дека несреќното дете загинало од насилна смрт.
Лекарите од Клиниката за неврохирургија каде здравствените власти тврдат дека било третирано детето, објаснија дека не можеле да го спасат поради тешката состојба во која било донесено „и покрај максималните напори на медицинскиот тим, исходот беше трагичен, како резултат на многу тешките повреди на мозокот од страна на метално страно тело“, објавија од МЗ апелирајќи до јавноста да се празнува без оружје и оти ваквите случаи се последица на неодговорно однесување.
Во пријавата за основан сомнеж за прекумерна полициска сила врз членови на семејството Арслани, испратена на 3 јануари по електронски пат од страна на нивниот адвокат Срџан Амет, хронолошки се опишува настанот,од смртта на несреќното дете до полицискиот третман врз родителите. Според пријавата која ја поседува и редакцијата на весникот Вечер, мајката и детето излегле надвор од живеалиштето да го гледаат новогодишниот огномет, кога во еден миг забележала дека Нагип е неподвижен и нереагира. Безуспешни биле обидите на родителите да го разбудат. Забележале крварење од главата и го однеле во старата градската болница од каде ја слушнале најлошата вест, дека Нагип починал.
Претходно, „родителите немаат сознанија како и кога настанала повредата, ниту пак претходно било забележано некакво опасно дејствие или инцидент“, стои во пријавата од адвокатот, според кој, на мајката и на таткото во полициската станица им била направена парафинска ракавица, по што биле пуштени.
Случајот добива и друга димензија кога заради смирување на разгневените членови на семејството по лошата вест, пред болницата дошла да интервенира полицијата по што биле приведени неколкумина.
Адвокатот Амет во пријавата пишува дека „лицата укажуваат на тепање и малтретирање од страна на полицијата“, тој за ВЕЧЕР вели дека ќе достави лекарско во прилог на обвинувањата, десетина сведоци, а ќе побара и снимки од видео надзорот на болницата.
Од МВР на прашање на весникот Вечер, велат дека нема пријава до внатрешната контрола за полициското постапување во случајот со смртта на двегодишното дете.
Во таа што адвокатот Амет ја испратил преку електронската пошта на МВР за пријави и поплаки, бара од надлежните да постапат професионално, законито и без одолговлекување со цел да се расветли трагичниот настан и утврдување на одговорност кај оној што ја предизвика насилната смрт на несреќниот Нагип. (П.А.)












