Бројот на жртви од пожарот во станбениот комплекс во Хонг Конг се искачи на 128, а стотици се уште се водат како исчезнати, изјави денес шефот за безбедност Крис Танг.
Пожарникарите ги пребаруваат облакодерите и утрово, обидувајќи се да пронајдат преживеани откако огромен пожар зафати седум од осумте кули во еден од најсмртоносните пожари во историјата на градот.
Во текот на утрото, сè повеќе луѓе пристигнуваа во општинскиот центар Квонг Фук Естејт, веднаш до комплексот Ванг Фук Корт, за да ги идентификуваат телата извлечени од јагленисаните згради. Досега се објавени имињата само на мал број од загинатите, објавува Гардијан.
Спасувачките екипи им даваа приоритет на становите од кои добиле повеќе од дваесетина повици за помош за време на пожарот, но до кои не можеле да стигнат, изјави Дерек Армстронг Чан, заменик-директор на Противпожарната служба на Хонг Конг.
Тој рече дека истрагата за причината за трагедијата би можела да трае три до четири недели.
„Ќе продолжиме да влегуваме во сите станови во седумте згради за да се осигураме дека нема повеќе потенцијални жртви“, додаде Чен.
Пожарот што избувна во среда попладне брзо се прошири низ комплексот Ванг Фук Корт во северниот округ Таи По. Осумте станбени кули, каде што живеат повеќе од 4.600 луѓе, беа во фаза на реновирање и беа покриени со бамбусови скелиња и зелена заштитна мрежа, за која се верува дека придонела за ширењето на пожарот.
До петокот наутро, пожарот беше во голема мера под контрола, иако властите изјавија дека во некои станови сè уште имало пламен што требало да се спречи ширењето и повторното запалување на другите делови од зградата.
Повеќето од жртвите биле пронајдени во две од седумте кули зафатени од пожарот, додека повеќето преживеани биле извлечени од други згради. Бројот на исчезнати не е ажуриран од четвртокот, кога изнесувал повеќе околу 300.












