– Со жалење можам да констатирам дека на угостителите кои работат нерегуларно и незаконски им е поважен личниот профит, отколку безбедноста и здравјето на граѓаните. Загрозени се жителите во тие згради, но и посетителите на нивните објекти. И тоа нема да го толерирам затоа што ова е најтешкиот период во поновата историја на Кочани. Не смееме да замижеме по огромната несреќа и да дозволиме институциите сѐ уште да не функционираат. Поради тоа, поднесувам кривични пријави против угостители и се надевам на брза и ефикасна реакција од страна на Обвинителството за да не ни се случи „Пулс 2“– истакна в.д. градоначалникот на Општина Кочани, Венко Крстевски

В.д. Градоначалникот на Општина Кочани, Венко Крстевски, денеска до Основното јавно обвинителство поднесе кривични пријави поради узурпација на јавна површина и бесправна градба против угостители.

Тој на денешната прес-конференција истакна дека и три месеци по трагедијата во клубот „Пулс“, сѐ уште има угостителски објекти во Кочани кои работат спротивно на законските прописи и стандарди, загрозувајќи ја безбедноста на граѓаните, а нивните сопственици не преземаат мерки тоа да се промени и спречи.

 – Со жалење можам да констатирам дека на угостителите кои работат нерегуларно и незаконски им е поважен личниот профит, отколку безбедноста и здравјето на граѓаните. Загрозени се жителите во тие згради, но и посетителите на нивните објекти. И нема да го толерирам тоа затоа што ова е најтешкиот период во поновата историја на Кочани. Не смееме да замижеме по огромната несреќа и да дозволиме институциите сѐ уште да не функционираат. Поради тоа, поднесувам кривични пријави против угостители и се надевам на брза и ефикасна реакција од страна на Обвинителството за да не ни се случи „Пулс 2“ – истакна Крстевски.

Тој нагласи дека е даден налог до општинската инспекторка за животна средина да ги провери сите елаборати на угостителските објекти.

–Ги прашувам надлежните институции, како што е Државниот пазарен инспекторат, дали се прават контроли и зошто се толерира работењето во дивоградби, како Агенцијата за храна и ветеринарство издала ХАСАП дозвола за објекти што подготвуваат храна ако кујните им се дивоградби и имаат броила за струја што се во непосредна близина на фритезите? Како е можно во тие објекти да има легален приклучок на електричната мрежа и да се прават елаборати што не се соодветни со реалната состојба, слично како во „Пулс“ – додаде Крстевски.

В.д. градоначалникот информираше дека во кривичната пријава се приложени документи како пример од судската практика за слична постапка со која се отстранети објекти во други општини.

Во меѓувреме, Општина Кочани почнала постапка за отстранување на угостителски објекти во трговскиот центар во градот кои се бесправно изградени на јавна површина.

 

ИЗДВОЕНИ