Трагедија за време на посета на римскиот Колосеум – 56-годишен туристички водич почина од екстремните температури

82

Трагедија во Рим го потресе туристичкиот сектор откако 56-годишната водичка Џована Марија Џамарино почина од сомнителен срцев удар додека водеше група туристи околу Колосеумот. Несреќната жена се струполила во амфитеатарот во вторникот околу 18 часот среде неподносливата топлина што ја погодува Италија, објавува „Гардијан“.

Нејзината смрт повторно ја разгоре дебатата за летното работно време на најголемите атракции во градот. Италијанското здружение на сертифицирани туристички водичи (AGTA) соопшти дека случајот го покажува огромниот физички напор да се биде водич и ги повика властите да го продолжат работното време на Колосеумот за да можат тури да се одржуваат во постудените делови од денот, рано наутро или подоцна навечер.

Колосеумот моментално е отворен од 8:30 до 19:15 часот, од крајот на март до крајот на септември. Здружението предлага во текот на летото, од почетокот на јуни до крајот на август, работното време на Археолошкиот парк Колосеум, кој ги вклучува Форумот и Ридот Палатин, да се промени на 7:00 до 20:15 часот.

„Беспредметно е секоја година да се зборува за „топлинска вонредна состојба“ како да е нешто ново: климатските промени се факт и веќе неколку години, работењето на Римскиот форум од 10:00 до 16:30 часот е неподносливо“, се вели во соопштението на AGTA објавено на социјалните мрежи.

„Веќе три години бараме отворањето на целиот парк да се помести во 7:00 часот, а затворањето да се одложи за еден час. Овие промени би биле од корист за јавното здравје на сите: посетители, водичи и други работници“, додадоа тие.

Светската федерација на здруженија на туристички водичи предупреди за проблемот неколку недели претходно, велејќи дека „екстремната топлина повеќе не е исклучок; тоа е нова реалност што бара внимание, адаптација и солидарност во рамките на нашата професија“.

AGTA, исто така, нагласи дека ниските пензии и економската несигурност ги принудиле многу членови да работат со неодржливо темпо за да ги издржуваат своите семејства. „[Во вторник] еден водич замина засекогаш, но во последниве години премногумина ја напуштија професијата за други „побезбедни“ и помалку тешки работни места. Ни треба поголема заштита“, се вели во него.

Франческа Дуимич, претставничка на 300 римски туристички водичи, рече дека дехидрираните туристи често се онесвестуваат на летната жештина. „Форумот е јама; нема сенка, нема ветер. Да се ​​биде таму во 13 или 14 часот на летната жештина значи дека ќе се чувствувате лошо“, изјави таа за „Асошиејтед Прес“.

Управата на Колосеумот изрази сочувство до семејството на починатата Џамарино, истакнувајќи ја нејзината „професионална посветеност“. Италијанскиот министер за култура, Алесандро Џули, изјави дека нејзината смрт „силно ја истакнува човечката и професионалната вредност на оние кои секојдневно придонесуваат за заштитата и зачувувањето на нашето историско и уметничко наследство“. Како знак на почит и жалост, светлата на Колосеумот беа изгаснати во средата во 21 часот.

ИЗДВОЕНИ