Ужасна трагедија се случи на реката Дунав во Романија, во близина на дива плажа во близина на Гостину. Млада брачна двојка, мајка (20) и татко (26), се удавија откако беа извлечени од силна речна струја. Нивната деветмесечна ќерка, која мајката ја држеше во раце, беше спасена во последен момент благодарение на херојскиот чин на таткото, пишува „Обзерватор Њуз“, пренесе Индекс.хр.
Семејството, со пријатели и деветмесечно бебе, дошле на плажата Гостину во округот Ѓурѓу за да поминат релаксирачко попладне. Мајката влегла во плитките води со детето во раце, но одеднаш стапнала во дупка и била повлечена подлабоко од силната струја. Таткото на девојчето, кој гледал од брегот, скокнал во водата без да размислува да ги спаси. Тој успеа да ја зграби ќерка си и да ја држи над површината додека друг пливач не ја зеде. За жал, исцрпениот татко потоа беше однесен под водата од струјата.
Веднаш започна потрага по исчезнатите родители. Нуркачите прво го пронајдоа безживотното тело на 20-годишната мајка денот по несреќата, а телото на 26-годишниот татко следниот ден наутро. Девојчето сега е безбедно и за него се грижи нејзиното семејство.
Локалните власти најавија зголемени контроли на дивите и нерегулирани плажи за да се спречат идни несреќи. Префектот на округот Јон Гимпетеану се огласи на „Фејсбук“ за да ги истакне опасностите што демнат на ваквите места.
„Ова е огромна трагедија. Млад пар се удави во Дунав, иако беа во вода подлабока од еден метар. Отидов на оваа плажа, која често носи жртви, и најдов нерегулирани тераси, затворени тоалети и купишта ѓубре. Срцето ми се скрши кога го видов лицето на мало девојче кое остана сираче. И покрај предупредувањата, оваа неуредна плажа привлекува туристи кои не се свесни за опасноста. Вакви работи не смеат да се случат повторно и ветувам дека ќе го спречам овој феномен што носи трагедии“, напиша Гимпетеану.
Полицијата покрена истрага за целиот случај.