Вчера околу 15:00 часот во СВР Скопје било пријавено дека во индустриска зона на подрачјето на Петровец, при изведување работни задачи на објект во изградба на фабрика, животот го загубил 23-годишен работник од Велес.
Според информациите, врз Е.А. (23) паднал метален профил од висина, при што тој се здобил со тешки повреди и починал на местото на настанот.
Лекар од Итна медицинска помош констатирал смрт, а по насоки на јавен обвинител телото на починатиот е предадено на обдукција.
За настанот бил известен трудов инспектор, а увид извршила увидна екипа на СВР Скопје. Се работи на целосно расчистување на случајот.












