Најмалку 15 лица загинаа, а десетици беа повредени доцна синоќа откако брод на грчката крајбрежна стража се судри со глисер со нередовни мигранти кај источниот дел на егејскиот остров Хиос, соопштија властите.
Инцидентот се случил додека глисерот, за кој се верува дека го управувале криумчари на мигранти, се обидувал да пристигне во областa Мирсиниди на источниот брег на островот за да ги истовари патниците. Еден висок функционер од Грција изјави дека бродот превезувал околу 30 лица и бил опремен со моќен мотор кога бил забележан од патролен брод на крајбрежната стража.
Грчката крајбрежна стража одговорноста за несреќата ја лоцира кај управувачот на мигрантскиот пловен објект.
-Управувачот на глисерот не постапил по визуелните и звучните сигнали на патролниот чамец. Наместо тоа, глисерот го променил правецот и удрил во десната страна на патролниот пловен објект. Поради силата на ударот, глисерот се превртел и потонал, при што сите лица на бродот паднале во морето – се наведува во соопштението.
Од ударот, глисерот се превртел и потонал, а сите патници паднале во морето. Веднаш била активирана масовна операција за пребарување и спасување во која учествувале четири патролни брода на крајбрежната служба, приватен чамец со нуркачи и два хеликоптери на воената морнарица.
Од морето биле извлечени вкупно 25 странски државјани – седум мажи, седум жени и 11 деца – кои биле пренесени во пристаништето и потоа хоспитализирани во болницата „Скилицио“. Една од спасените жени подоцна им подлегнала на повредите, со што бројот на жртви се зголеми на 15.
Во исто време, од два патролни брода биле пронајдени и извлечени 14 безживотни тела – 11 мажи и три жени. Телата се пренесени во истата болница, каде ќе се изврши обдукција.
Информацијата беше придружена со повеќе фотографии од пловниот објект на крајбрежната стража, на кои е видливо оштетување на неговата десна страна.












