Традиционални храна, специјалитети, ракотворби и занаети од Шопскиот Регион во понеделникот вечерта беа презентирани на манифестацијата „Шопско село” во Крива Паланка, што втора година по ред се одржува во пресрет на празнувањето на Успението на Пресвета Богородица и денот на светителот патрон, заштитник на градот, Свети Јоаким Осоговски.
Оваа манифестација е концепт на фестивал на етнологија, занаети и ракотворби, што го оживува културно-историското наследство од Шопскиот Регион: Козјачија , Средорек, Кратовско, Кривопаланечко, Пијанец, Малешево и Осоговие.
– Овој концепт ги презентира изработките од вредните раце на мајсторите занаетчии, игрите, песните што со векови го обединувале народот од овој крај, топлината и вкусот на шопската трпеза. Крива Паланка отсекогаш била чувар на народното богатство и вечерва, во духот на тие вредности ја презентираме нашата култура на идните генерации – истакнаа од Градскиот музеј – Крива Паланка.
Специјални гости на првата вечер беа претставничките од „Зелникот на баба”, Пробиштип, кои одржаа работилница за подготовка и изработка на зелник, кој се печеше на традиционален начин, под вршник.
Вечерва специјалитети ќе подготват корисничките на Дневниот центар за активно стареење при Црвен крст Крива Паланка, а вечерва ќе се подготвува војнички леб.
Штандовите повторно ќе бидат исполнети со традиционални јадења од Шопскиот Регион, мед, пчелни производи, слатки и солени јадења, ракии и вино, рачно изработени чанти и мечиња, обетки и нараквици, магнети и изработки од полимерна глина. Манифестацијата ќе трае до денеска.