среда, февруари 4, 2026
Дома КУЛТУРА Традиционалната манифестација „Прличеви беседи“ на 5 и 6 февруари во Охрид

Традиционалната манифестација „Прличеви беседи“ на 5 и 6 февруари во Охрид

34

Ликот и делото на познатиот охридски и македонски поет и преродбеник, Григор Прличев, и оваа година ќе бидат чествувани со низа културни настани и случувања во Охрид, во рамките на традиционалната манифестација „Прличеви беседи“.

Манифестацијата што се одржува како одбележување на смртта на Прличев почнува на 5 февруари, со изложба на ликовни дела од колекцијата на Центарот за култура „Григор Прличев“ во изложбениот салон.

Централен настан во рамките на беседите е врачувањето на наградата „Григор Прличев“ на лауреатот Братислав Ташкоски, кој оваа година победи на конкурсот за најдобра поема со својот авторски труд „Темна кутија“. На собирот ќе биде презентирана наградената поема, а ќе има и обраќање на лауреатот, како и на претставниците на Општина Охрид.

Следниот ден, на 6 февруари, чествувањето ќе продолжи со положување цвеќиња пред споменикот на Прличев во училишниот двор на ООУ „Григор Прличев“, како и со панихида и полагање цвеќиња на гробот на Прличев кај црквата „Света Богородица Перивлепта“. Во 11:00 часот, во Спомен-куќата на Григор Прличев ќе се одржи настанот „Стихови и звуци за Прличев“, во рамките на кој ќе биде изведена песната „1762 лето“, ќе има обраќање на претставник на Општина Охрид, ќе бидат врачени два примероци од книгата „Јазик и леб“ од Славе Ѓорѓо Димоски, отпечатена со Брајово писмо, на НУ Библиотека „Григор Прличев“ и Здружението за слепи лица од Охрид, како и врачување на наградите на провонаградените литературни творби на литературниот конкурс на ООУ „Григор Прличев“. Потоа ќе следуваат читање на наградените литературни творби и промоција на книгата „Охридска книжевна историографија“ од проф. д-р Димитар Пандев и Славе Ѓорѓо Димоски. За во 12:30 часот е предвидено полагање лаворов венец и цвеќиња пред спомен-бистата на Прличев пред НУ Библиотека „Григор Прличев“, а во 13:00 часот, во библиотеката „Григор Прличев“ ќе се одржи „Прличева визита“, на која премиерно ќе биде прикажан документарниот филм „По стапките на Прличев“ на м-р Милчо Јованоски, а и ќе ѝ биде врачена награда на Софија Стојанова, авторката чија беседа беше избрана за најдобра на отворениот конкурс. Во 19:00 часот, во Центарот за култура, свечена приредба по повод патрониот празник ќе одржи општинското основно училиште „Григор Прличев“. Манифестацијата „Прличеви беседи“ ќе биде заокружена со осмото издание на поетскиот карван „Добри гости“ во чест на Прличев, во „Култ културен центар“.

„Прличевите беседи“ се утврдени пред шест децении како манифестација со која се одбележува годишнината од смртта на големиот поет, кој се упокоил на 4 февруари пред 133 години. Прличев, пред еден и пол век, беше овенчан со лаворов венец во Атина, за својата поема „Сердарот“.

ИЗДВОЕНИ