среда, јануари 28, 2026
Дома МАКЕДОНИЈА Традицијата продолжува, градот живее за маскираните поворки     

Традицијата продолжува, градот живее за маскираните поворки     

27

Од 20 до 23 февруари 2026 година ќе се одржи традиционалниот меѓународниот карневал „Прочка 2026“, во Прилеп.

Веќе е објавена програмата, според која на 20 февруари во 12:00 часот, во Центарот за култура „Марко Цепенков“ ќе биде отворена изложба на рачно изработени традиционални и современи маски (сурати).
Во сабота, на 21 февруари, точно напладне ќе биде детската карневалска поворка, која ќе тргне од ООУ „Кочо Рацин“, а ќе заврши на централната бина на плоштадот „Методија Андонов-Ченто“.

Наредниот ден, недела, со почеток во 13:00 часот, ќе биде меѓународната карневалска поворка, односно дефилето на маски, проследено со настапи на жонглери, кловнови, акробати и на куклари. Меѓународната карневалска поворка ќе се движи од Центарот за култура „Марко Цепенков“, по булеварот „Гоце Делчев“, до централната бина на плоштадот „Методија Андонов-Ченто“.

Во понеделник, 23 февруари, во 12:00 часот ќе бидат одбележувањето на Чист понеделник  и традиционалниот заеднички ручек со Здружението „Прилепски мечкари“, кој ќе се одржи во манастирот „Свети Ѓоргија“ – Присад.

Секоја година Прилеп е домаќин на многу гости од повеќе држави од Европа. Низ центарот на градот дефилираат групни и поединечни маски, а за најубавите следуваат награди. Покрај дефилето на маски, настанот е збогатен со концерти, клупски забави, настапи на културно -уметнички друштва, изложби на маски, како и со презентации на традиционалната македонска трпеза.

Маскирањето на Прочка во Прилеп постои одамна. Овај традиционален обичај го одразува етнокултурниот идентитет на Македонија и претставува уникатна појава на Балканот, Европа, па и во светот.

Многувековното празнување на Прочка во 2001 година прерасна во организирана културна манифестација „Прилепски карневал“ со меѓународен карактер, а на 21 мај 2006 година карневалот стана член на Европската федерација на карневалски градови FECC. Во центарот на оваа прослава се наоѓаат „мечкарите“ – маскирани учесници што ја носат традицијата од времето на нашите древни предци и ја прикажуваат магијата на нивниот свет. „Мечкарите“ не само што ја одразуваат древната култура на Прилеп туку и ја покажуваат силата на маската, која, како што велат, ја носат за да ги прикажат „моќта и хаосот“ на светот. Прилепската група „мечкари“ е формирана од касапите. Првото забележано славење на „мечкарите“ во Прилеп потекнува од 1929 година, пред Втората светска војна, кога биле познати тие како месари. Во тие денови, касапите биле сметани за контаминирани од душите на животните што ги убивале, што довело до создавање ритуали и обичаи, кои се одржуваат и денес. „Мечкарите“ го започнувале своето славење рано наутро, облекувајќи се во пресни кожи, кои понекогаш имале непријатен мирис. Се облекувале во кожи од лисица, овца или од јагне, а нивното облекување се нарекувало „врзување“. Секоја година, тие започнувале со ритуално обилно пиење, кое ги носело во транс и продолжувале со дивиот ритуал на маскирање и зборување со пцости, создавајќи една уникатна и хаотична атмосфера. Во таа состојба, тие биле опасни, а конфликтите со други маскирани групи биле чести и понекогаш воделе до сериозни инциденти.

 

ИЗДВОЕНИ