Никола Минчевски, претседател на Здружението „Миравчка свадба – Ѓура Мара“, има намера да ги оживее македонската традиција и културното наследство. Со својата богата колекција народни носии, рачно изработени предмети и музички инструменти, тој ја чува историјата на Миравци и на поширокиот крај. Оваа пролет планира да отвори приватен етномузеј во својот дом, каде што посетителите ќе може да се запознаат со уникатните експонати. Со тоа сака да го доближи минатото до сегашните генерации и да ги пренесе топлината и убавината на македонската традиција

Во јули 2025 година, во просториите на уметничката галерија „Амам“ се одржа отворањето на етнолошката изложба организирана од Здружението на граѓани „Миравчка свадба – Ѓура Мара“. Настанот привлече голем број посетители, љубопитни да го откријат богатството на македонската традиционална култура, претставена низ внимателно курирана етнолошка поставка. Уште тогаш оваа изложба го привлече нашето внимание и еве сега, на почетокот од оваа година, Никола Минчевски, претседателот на ова Здружение, кажа повеќе детали за весникот ВЕЧЕР.
Минчевски, кога е формирано ова Здружение и со која цел?
– Здружението е формирано на 20 март 2020 година. Основачи се: Славица Минчевска доктор психијатар; Сунчица Петковска и Мишко Петковски, двајцата стоматолози; Вили Арнаудова, адвокат и јас, Никола Минчевски, вработен во Министерството за одбрана, воедно и претседател на Здружението. Основна цел на Здружението е собирање, чување и презентирање на етнопредмети и материјали од нашето културно наследство, претежно од населеното место Миравци и пошироко. Нашата мисија не е само да ги зачуваме старите предмети туку и да ја оживееме традицијата и да ја доближиме до помладите генерации, потсетувајќи ги на богатото културно наследство што го поседуваме.
Од каде кај тебе идејата за формирање едно вакво здружение?
– Идејата за формирање на ЗГ за етнопредмети „Миравчка свадба – Ѓура Мара“ е дамнешна, а созреа кај мене од разговорите со мојата мајка, Станка Минчевска, родена 1933 година, која ми остави во аманет да ја продолжам нејзината „света работа”, односно да ги чувам традициите и наследството од нашите предци, прадедовци и прабаби.

Дали изработувала твојата мајка етнопредмети во својата младост?
– Таа уште како мома почнала да изработува рачно делови од народни носии, да плете чорапи што ги зачувала за своите поколенија и на своите внуки и внуци им направила комплетна миравска носија. Мене ми подари неколку кукли со народна носија, кои ги зачував до ден- денес. До пред неколку години, во текот на општинските празници и свечености, редовно беше повикувана од Општината да ги презентира своите народни носии и рачни изработки. Таа ми помогна од почетокот на формирањето на Здружението и ми покажа како да го наместам алџовиот фустан со капата на куклата. Во своите деведесетти години, таа изработи невестински фустан и дури исплете четири пара волнени чорапи, алџови за четирите народни носии.
Со колку етнопредмети располагате денес?
– Сега имаме пет женски и три машки комплети народна носија од миравскиот крај. Имаме преку стотина рачно изработени плетени чорапи, шамии, торби , везеници, имаме околу 350 бакарни предмети. Собравме стотина дрвени предмети, вклучувајќи и вистински разбој. Здружението располага и со колекција на стари пари, поштенски марки, значки, повеќе од илјада книги, како и музички инструменти. Секој од овие етнопредмети носи своја приказна, сведочи за начините на живеење, секојдневието и за духовната култура на нашите предци.
*Кои се најстарите предмети во Вашата колекција?
– Најстарите предмети се најмногу од моите предци од почетокот на дваесеттиот век, како тава од мојата прабаба Ката, родена 1888 година, и ѓум од прабаба ми Љуба Станкова, родена 1902 година. Од дедото Мицо Бакалски, роден 1903 година, имам дрвена букла за вода, а и тепсија од прабабата Анѓа, од селото Давидово, родена 1877 година. Наследив и ќуп од прадедото Ристо Пеев, роден 1879 година. Повеќе етнопредмети имам од пријателите од други места на Македонија, Прилеп, Крушево, како и од населените места во Егејска Македонија, Патарос, Бојмица и од Солун.

Каде се чуваат овие предмети и што планирате во иднина со нив?
– Предметите ги чувам во просториите од приземниот дел од мојата куќа, кој е предвиден за музејски простор и кој полека го опремувам. Последно направив стакларник за заштита на куклите облечени во народни носии. Имам сериозна намера да отворам приватен етномузеј во мојата куќа оваа пролет, па така на поголем број туристи да им покажам дел од нашето огромно културно богатство.
На крај, му посакуваме на Никола Минчевски што побргу да го отвори овој етномузеј и, преку изложените народни носии, стари алати, рачно ткаени ткаенини, домашни декоративни елементи и други уникатни експонати, посетителите што ќе го посетат Миравци да го доживеат духот на едно минато време и да ги почувствуваат топлината и убавината на македонската традиција.
(Љ. А.)












