Товарниот патен превоз бележи силна експанзија на крајот од 2025 година, со пораст од 66,7 % во четвртиот квартал споредено со истиот период лани, покажуваат податоците на Државен завод за статистика. Според вицепремиерот и министер за транспорт и врски, Александар Николоски, ваквите бројки се директен показател за засилена економска активност и сигнал за отворање нови работни места во логистиката и поврзаните сектори.

Покрај патниот транспорт, пораст од 23,7 % е регистриран и кај карго превозот во авиосообраќајот, што упатува на зголемена надворешно-трговска динамика и подобра интеграција на домашните компании во меѓународните синџири на снабдување. Наспроти ова, железничкиот товарен превоз е намален за 13,4 %, што според надлежните се должи на тековните инфраструктурни зафати на делниците од Коридор 10 – краткорочен пад со очекувани долгорочни ефекти врз ефикасноста.

Во патничкиот транспорт, во четвртиот квартал се превезени 925 илјади патници во патниот сообраќај, додека во авиосообраќајот се регистрирани 889.153 патници. Порастот во воздухопловството се поврзува со владините мерки за финансиска поддршка за воведување нови авиолинии, при што најголем дел од патниците патувале на редовни линии, а зголемување има и кај чартер-летовите.

Единствен пад кај патничкиот сообраќај е забележан во железничкиот транспорт, со 34 илјади превезени патници во анализираниот период.

Структурата на порастот укажува на доминација на патниот и на воздушниот транспорт како носители на тековната економска динамика, додека железницата се наоѓа во фаза на транзиција поради инфраструктурна модернизација. Доколку инвестициите во железничката мрежа се реализираат според планираното, очекувањата се дека сегашниот пад ќе биде заменет со зголемена конкурентност и пониски транспортни трошоци на среден рок – што дополнително би го засилило ефектот врз економскиот пораст.

(С. Бл.)

ИЗДВОЕНИ