Шефот на Мерцедес, Тото Волф, ја спушти топката по бројните пофалби за Кими Антонели.

Антонели ѝ се приклучи на Формула 1 оваа сезона и веднаш се здоби со статусот „нов Макс Верстапен“. Сепак, Волф предупредува дека долг е патот за Антонели да стане тоа што му го предвидуваат.

  • Тој ќе биде чудо од дете само кога навистина ќе го покаже тоа во Формула 1. Се надеваме дека тоа ќе дојде порано, а не подоцна, но сигурно не веднаш на почетокот – изјави тој за „Аутомотоспорт“.

Младиот Италијанец започна брилијантно, забележувајќи три последователни пласмани меѓу првите шест.

Сепак, неговата почетничка среќа наскоро го напушти, а притисокот се зголеми.

На следните 13 трки, тој освои само 36 бода, од кои повеќето дојдоа преку третото место во Канада. Сето тоа кулминираше на Големата награда на Италија, каде што заврши деветти, од шестото место на стартната линија. Волф не го криеше своето разочарување.

  • Не може да завршите во песокот и да очекувате да бидете во игра за добро место. Целата трка беше под очекувањата. Ова нема никаква врска со моите поддршка и доверба во неговата иднина, бидејќи верувам дека ќе биде многу, многу подобар. Но, денес беше под очекувањата – рече Австриецот по трката.

Иако изрази доверба, Волф сè уште јавно не потврди за Антонели во 2026 година, ниту за Џорџ Расел. Тој само рече дека потпишувањето е формалност и дека нема да има посебно соопштение, туку само известување дека е склучен договор.

Дотогаш шпекулациите за составот на Мерцедес, а особено за местото на Антонели, нема да престанат.

Ралф Шумахер верува дека Волф треба да реагира и дека треба да го примами Карлос Саинц. Шпанецот се мачи во својата прва сезона во Вилијамс, но е докажан победник и го познава погонскиот склоп на Мерцедес.

  • Мислам дека Карлос Саинц би бил достапен во секое време, треба да го кренете телефонот и да го повикате – изјави Шумахер за јутјуб-каналот на Формула 1.

Потоа се осврна на ситуацијата со Џорџ Расел:

  • Да, ситуацијата со Џорџ Расел малку изненадува, но, можеби, има трик зошто помина толку долго. Мерцедес сигурно е среќен што го има, но засега нема алтернатива. Значи, мора да протуркаат уште една година, а потоа да видат како стојат работите. Се чини дека има некои клаузули во договорот на Саинц, не знам точно, но слушам секакви работи. Тој сигурно би бил првото име што ќе ми падне на ум – додаде Шумахер.

Саинц потпиша за Вилијамс минатата година, а се шпекулираше дека договорот содржи клаузула што би му дозволила да замине ако го повика некој од врвните тимови.

 

ИЗДВОЕНИ