Луис Хамилтон има очајна сезона во тимот на Ферари. Иако сè уште се приспособува на новиот болид, за кој вози од оваа сезона, сè поголеми се шпекулациите за негово заминување, не само од Ферари, туку и од Формула 1.
Овој пат во негова одбрана застана Тото Волф, долгогодишниот шеф на Мерцедес, по неговиот разочарувачки настап на Големата награда на Унгарија.
Хамилтон имаше тежок викенд, кулминирајќи во квалификациите кога беше елиминиран во втората рунда и заврши само 12. на трката. Откако излезе од болидот, Хамилтон отворено зборуваше за своето разочарување, велејќи дека е „бескорисен“, па дури и навести дека Ферари можеби ќе треба да најде „нов возач“.
Зборовите предизвикаа голем број реакции, но Волф тврди дека тие биле израз на моментната фрустрација и дека Хамилтон, едноставно, е срцето на тимот.
- Луис е срцето на тимот. Тоа го почувствува во момент кога го прашаа по сесијата. Беше вкочанет, се сомневаше во себе, им одговори Волф на новинарите.
Волф потсети дека ова не е првпат Хамилтон да реагира емотивно кога не ги исполнил сопствените очекувања.
- Се случило и претходно. Кога чувствува дека не ги исполнил своите очекувања, паѓа емотивно. Тој е емоционално транспарентен уште од детството и младоста, па затоа секогаш ќе биде строг кон себе, додаде Волф.
Сепак, Австриецот потсетува на она што е најважно, дека тој е најголемиот на сите времиња и никој не може да му го одземе тоа.
- Ниту еден викенд, ниту цела сезона што не поминала според планот, не може да ја намали неговата величина. Луис има недовршена работа во Формула 1. Тој не треба да оди никаде следната година. Новите болиди ќе бидат сосема различни за возење, а новите погонски единици ќе бараат интелигентно управување со енергијата. Значи, апсолутно е јасно – Луис има повеќе да покаже. Се надевам дека ќе остане уште многу години во спортот, заврши Волф.