Министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски денеска преку видео објавено на неговиот Фејсбук профил истакнува дека телефонски измами со наводни сообраќајни незгоди сѐ почесто таргетираат постари граѓани. Наша заедничка одговорност, посочи тој, е да им укажеме како да ги препознаат и да се заштитат.
-Многу е битно македонските граѓани да знаат дека доколку било каква ситуација се случи да бидат повикани на телефон, од страна на било кој наводен инспектор, полицаец, доктор, судија и така натаму, во таков случај не треба да продолжат во комуникација со него. Измамниците сакаат цело време да ја држат жртвата на телефон, не му дозволуваат, практично со цело време давање на лоши информации за нивните најблиски да го затворат телефонот, рече Тошковски на денешното гостување на Утринската програма на МТВ.
Министерот ги советува жртвите да не продолжат во комуникација кога ќе се посомневаат дека станува збор за измама.
-Треба да го исклучат телефонот и веднаш да известат на 112, да се јават на телефонскиот број 112 кој што е во Центарот за управување со кризи и ќе ги пренасочи во МВР откако ќе кажат дека се сомневаат за измама или директно да ѕвонат на 192 во МВР и директно да информираат дека се сомневаат за одредена измама, по што ќе бидат исконтактирани инспекторите кои работат во МВР, ќе дојдат не лице место и ќе продолжат понатака со соодветни дејствија во насока на расветлување на конкретниот случај. Значи, советот е никако да не продолжат во комуникација кога ќе се посомневаат дека станува збор за измама, нагласи министерот Тошковски.