Тошковски: Смртта на двегодишното дете е од залутан куршум, истрагата сè уште трае

37

Истрагата за трагичниот настан во кој двегодишно дете го загуби животот од залутан куршум за време на новогодишната ноќ сè уште е во тек, изјави министерот за внатрешни работи Панче Тошковски.

Тој потврди дека досегашните вештачења утврдиле оти смртта на детето е последица на залутан куршум, а не на директен напад.

„Она што досега е официјализирано е дека станува збор за куршум потврден од надлежните органи. Не станува збор за куршум директно насочен кон детето, туку за залутан куршум. Преземаме сè за да го утврдиме конкретниот сторител, иако ваквите случаи се исклучително тешки за детектирање“, рече Тошковски, одговарајќи на новинарско прашање на денешната прес-конференција, на која присуствуваше и министерот за здравство Азир Алиу.

Во однос на обвинувањата од родителите на починатото дете за полициска бруталност истата вечер, Тошковски појасни дека полицијата интервенирала во Градската болница во Скопје по повик од болничкиот персонал.

Според информациите со кои располага министерот, полициските службеници затекнале поголема група лица кои се однесувале агресивно и недолично во просториите на болницата. Од СВР Скопје било утврдено дека јавниот ред и мир бил нарушен, по што била извршена полициска интервенција во рамки на законските овластувања.

Тошковски потврди дека е запознаен со поплаките на семејството за начинот на постапување на полицијата и најави дека во МВР веќе е започната внатрешна истрага.

„По завршување на истрагата од страна на надлежните органи во МВР, ќе ги соопштиме сите детали и ќе утврдиме дали имало или немало пречекорување на овластувањата. Факт е дека полицијата интервенирала по повик од болничкиот персонал“, додаде министерот.

Двегодишното дете, кое беше тешко повредено од огнено оружје за време на новогодишната ноќ, им подлегна на повредите на Клиниката за неврохирургија во Скопје. Основното јавно обвинителство издаде наредба за обдукција на телото.

Од Министерството за здравство информираа дека детето првично било примено на Ургентниот центар, а поради сериозни повреди на главата било префрлено на Клиниката за неврохирургија, на Одделот за интензивна нега. И покрај максималните напори на медицинскиот тим, исходот бил трагичен поради тешките повреди на мозокот.

https://www.vecer.press/tragedijata-so-dvegodishnoto-dete-cheka-instituczionalni-odgovori-koj-i-kako-go-usmrti-nagip-pet-minuti-po-novata-godina/

ИЗДВОЕНИ