Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски утрово го оствари своето право на глас во основното училиште „Песталоци“ во Скопје, при што изјави дека гласањето на локалните избори започнало на сите избирачки места низ државата.
Министерството за внатрешни работи (МВР) континуирано презема мерки и активности за непречено и безбедно спроведување на локалните избори, информираат оттаму и најавуваат засилено присуство на терен и употреба на современа технологија, вклучително и дронови за воздушна контрола.
Од МВР соопштија дека, согласно направените проценки, полициски службеници ќе бидат присутни во близина на избирачките места, како и на клучните сообраќајни точки. Ова се прави со цел зголемена ефикасност и навремено откривање на можни нарушувања на јавниот ред и мир.
Министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски, во изјава за медиумите откако го оствари своето гласачко право, рече дека во текот на денешниот ден активирани се над 90 отсто од силите со кои располага Министерството и оти се фокусирани на спроведување на еден мирен изборен процес.
„Ги преземаме превентивно сите оние дејствија што треба да се преземат во рамки на изборниот процес. На терен сме околу избирачките места, ги контролираме оние ’жешки точки’ каде ќе има поголемо присуство на народ. Сега за сега немаме никакви проблеми во текот на избирачкиот ден“,
Според него, вчера полицијата констатирала четири настани каде имало потенцијално нарушување на изборниот молк со одредени незаконите постапки од страна на граѓани.
Тошковски беше прашан и за зголеменото присуство на полиција во Крива Паланка и дали е тоа затоа што постои некаков ризик, на што одговори дека и на територија на СВР Скопје има активирано полициски службеници од Единицата за брзо распоредување. Такви екипи, рече Тошковски, има распоредено и на останатите Сектори за внатрешни работи и оти не може да се издвои Општина Крива Паланка од која било друга општина.
„Сега за сега немаше никакви поголеми нарушувања на изборниот процес“
рече министерот.
Тошковски додаде и дека утринва не било отврено едно гласачко место на територија на Општина Прилеп, но според неговите информации по 9 часот и на тоа место е започнат изборниот процес.
Инаку, од МВР велат дека ќе ги обезбедуваат гласачките места непрекинато од 6 до 19 часот за времетраењето на гласањето, како и по затворањето на гласачкото место и за време на сумирањето на резултатите. Тие ќе ги отстрануваат сите неовластени лица од објектот и ќе го обезбедуваат Избирачкиот одбор до предавање на изборниот материјал на општинската изборна комисија.
Според надлежностите, Избирачкиот одбор се грижи за одржување на редот и мирот, но претседателот или заменикот на претседателот на одборот може да повика полиција за воспоставување ред, отстранување на неовластени лица во објектот или во радиус од 100 метри од гласачкото место, како и за отстранување на пропагандни материјали.