Утре, во периодот од 12:00 до 15:00 часот, во аулата на ООУ „Лазо Ангеловски“ во Ново Лисиче, ќе се одржи забавниот културно-уметнички настан „Тоше, те сакаме“, посветен на ликот и делото на Тоше Проески.
Во рамките на настанот ќе настапат деца од градинките во Аеродром, ќе има ликовна изложба на ученици од основните училишта, креативна активност „Пишуваме картони со Бомбакис“, креирање заедничка мегаслика „Ѕвездено небо“ со „РВР бренд“, настап на училишни хорови и музички настап на актуелни македонски музички уметници. Во музичкиот дел од програмата ќе настапат: Огнен Здравковски, Марија Спасовска, Тамара Волческа, Владимир Поповски, Ивона Јо, Мартинијан Кириловски, Наде Талеска, Лили акустик и Васил Ангелов, кои со свои интерпретации ќе му оддадат почит на безвременското музичко наследство на Тоше.
Настанот претставува иницијатива на жителите, а е поддржан и коорганизиран од Општина Аеродром.
Воедно, Црвениот крст на град Скопје ќе ја реализира крводарителската акција посветена на хуманоста и на делото на нашата музичка ѕвезда Тоше Проески, кого, и покрај тоа што прерано нè напушти, засекогаш ќе го паметиме како симбол на хуманост, солидарност и човечност. Акцијата ќе се одржи в недела, во холот на Домот на АРМ, во периодот од 09:00 до 17:00 часот.
Во нејзината организација се вклучува Општинската организација на Црвен крст Гази Баба, со поддршка на Институтот за Трансфузиона медицина.
– Оваа крводарителска акција веќе прерасна во препознатлива и традиционална хуманитарна активност во Скопје, која секоја година обединува голем број граѓани, а особено млади луѓе кои во ликот и делото на Тоше Проески препознаваат силен пример за хуманост – соопштија од Црвениот крст на Град Скопје.
Оттаму додаваат дека досега, преку овие крводарителски акции се собрани повеќе од 6.000 единици крв, при што, како што велат, особено охрабрувачки е големиот број млади и првократни крводарители кои активно се вклучуваат, инспирирани од пораките што ги пренесуваше Тоше.












