На 16 октомври од 12 до 15 часот, на детската улица „Тоше Проески“ во Ново Лисиче во Скопје ќе се одржи музички настан насловен „Тоше те сакаме“, во чест на Тоше Проески, кој загина во сообраќајна несреќа во Хрватска на 16 октомври 2007.
Ќе настапат деца од градинките, училишни хорови и поп-пејачите Огнен Здравковски, Мартинијан Кириловски, Наде Талевска, Марија Спасовска, Драган Темелков, Лили Акустик, Ивона Јо, Тамара Волческа, Владимир Поповски и Васил Ангелов, кои ќе ги пеат безвременските хитови на Тоше. Ќе има и изложба на дела од основците, пишување хумани пораки на картони со Бомбакис и цртање мегаслика со РВР.
„Овој настан е искрена почит и сеќавање на човекот кој остави траен белег во македонските музика и култура. Целта е да се испрати порака дека Тоше сè уште живее во нашите срца, а неговите музика и хуманост остануваат безвременски симбол на добрината, љубовта и единството“, велат од Општина Аеродром, која го организира настанот во соработка со општинските градинки и училишта.