вторник, септември 1, 2026
Дома КУЛТУРА „Торза“ на Андреј Митевски во Битола

„Торза“ на Андреј Митевски во Битола

1

Во Офицерскиот дом во Битола се поставени скулптури на вајарот Андреј Митевски. На изложбата насловена „Торза“ се претставени 16 скулптури избрани од новиот циклус на уметникот посветен на торзото.

– Во скулптурите на Андреј Митевски, женското торзо се појавува како издвоена форма во која телото е истовремено присутно и отсутно. Она што недостасува не создава празнина, туку го активира погледот и ја поттикнува имагинацијата на гледачот да ја замисли целината. Овие торза не се само претстава на женското тело, туку потрага по неговата безвремена суштина. Во нив се препознаваат асоцијации на праисториските Венери, симболи на животот, плодноста и создавањето, но и на античкиот идеал на мерата, хармонијата и пропорцијата – се посочува кон изложбата.

Во творештвото на Митевски, потрагата по убавината и формата се изразува на различни начини. Некои торза се доближуваат до класичниот идеал на хармонично и прочистено тело, додека други ја напуштаат идејата за совршенство и ги оставаат видливи несовршеностите, неправилностите и трагите на времето врз самиот камен. Сензуалноста на торзата произлегува од самата форма – од ритамот на линијата, меките премини, односот меѓу испупченото и вдлабнатото и светлината што се прелева по мермерната површина. Во нив убавината не е претставена како совршенство на телото, туку како внатрешна состојба – убавина што го надминува времето, ја надминува материјата и продолжува да живее во погледот на оној што ја гледа.

Андреј Митевски (1976, Скопје) дипломирал на Факултетот за ликовни уметности во Скопје, во 1999 година. Постдипломски студии завршил во класата на проф. Драган Попоски Дада во 2000/2001 година. Реализирал повеќе самостојни изложби во земјава и во странство, а учествувал на бројни групни претставувања.

ИЗДВОЕНИ