Небото над Македонија е под влијание на циклонско нарушување, па затоа и во наредните два дена се очекуваат поголеми количини на врнежи.
Денеска претпладне времето ќе биде претежно облачно со повремени локални врнежи од дожд, наместа пообилни и поројни со услови за појава на ретки грмежи. Попладне врнежите ќе престанат, а облачноста ќе се намали. Ќе дува засилен ветер од западен и северозападен правец, велат од УХМР.
Според прогнозата во Скопје, ќе биде променливо облачно, претпладне со повремени врнежи од дожд, локално пообилни. Попладне врнежите ќе престанат. Ќе дува умерен ветер претежно од северен правец.
Потоа во следните два дена времето ќе биде стабилно со постудени утра.
Во исто време, центарот на главниот циклон сè уште ќе биде лоциран на север и северозапад од Европа, со центар во близина на јужниот и југозападниот брег на Скандинавија и Данска.
Според регионалните метеоролози, самиот крај на октомври ќе донесе позабележително зголемување на температурите на воздухот, па во текот на првата недела од ноември температурите ќе бидат навистина пролетни. Се очекува променливо облачно и многу топло време, со температури неколку степени над 20, што е за 5 до 7 степени повисоко од просекот.
Регионот ќе биде под силно влијание на циклон од Атлантикот, кој ќе донесе изразени јужни струи на голема надморска височина и многу топла воздушна маса од северна Африка кон нашето подрачје.
Според моменталните прогнози, постудено време не се очекува барем до 5 до 8 ноември.












