Топлотниот бран коси во Европа: Осум мртви, стотици во болници – во Франција расправија за климатизацијата

75

Четири лица починаа во Шпанија, две во Франција и две во Италија, бидејќи силен топлотен бран продолжува да парализира голем дел од Европа. Рекорден број предупредувања се издадени, избувнаа шумски пожари, а реактор во швајцарска нуклеарна централа е принуден да се затвори, објави Ројтерс.

Во Шпанија, властите потврдија дека две лица загинале во пожар во Каталонија, додека уште два смртни случаи поврзани со топлината се регистрирани во регионите Екстремадура и Кордоба. Францускиот министер за енергетика објави уште два смртни случаи поврзани со топлината и дури 300 лица се хоспитализирани.

Италија издаде црвени предупредувања за 18 градови во понеделник, додека во Германија температурите достигнаа 40°C, најжешкиот ден во годината. Во Сардинија, двајца мажи над 60 години починаа од топлотен удар на плажа, објави ANSA.

Метео Франс соопшти дека црвените предупредувања се уште се во сила за неколку области во централна Франција. Ранливите групи се изложени на најголем ризик, а француската министерка за здравство, Катрин Вотрин, рече дека будноста мора да остане висока.

„Ќе ги видиме последиците во наредните денови, особено за најранливите. Мислам особено на постарите лица“, рече таа.

Турција, која претходно оваа недела се бореше со пожари на неколку локации и мораше привремено да евакуира околу 50.000 луѓе, рече дека пожарите сега се во голема мера под контрола.

Пожарот што избувна во Каталонија зафати неколку фарми и се прошири на површина од околу 40 километри пред да биде ставен под контрола.

Лидерката на француската крајнодесничарска партија, Марин Ле Пен, го искористи топлотниот бран за да води кампања за претседателските избори во 2027 година, најавувајќи голем национален план за воведување климатизација. „Климатизацијата спасува животи“, рече Ле Пен, додавајќи дека проблемот е што јавните услуги во Франција честопати не можат да функционираат правилно поради недостаток на климатизација, за разлика од другите европски земји.

Предупредувања за бури, нуклеарен реактор затворен
Италија, Франција и Германија предупредија на можноста за силни бури како што се наближува силното затоплување во нестабилна атмосфера. Во француските Алпи во понеделник вечерта, бурите предизвикаа лизгање на земјиштето што го наруши железничкиот сообраќај помеѓу Париз и Милано.

Швајцарската енергетска компанија Axpo затвори еден реактор во својата нуклеарна централа Безнау во вторник поради високите температури на реката, додека производството во друг беше преполовено. Водата се користи за ладење во нуклеарните централи, а ограничувањата би можеле да траат како што температурите продолжуваат да растат.

ИЗДВОЕНИ