Топли живеалишта и разновидна храна за животните

36

Живеалиштата во Зоолошкиот парк „Бриони“ во Штип се подготвени за претстојната зима. Тоа го потврдува и ветеринарот Зоран Божиков, кој истакна дека тие се целосно приспособени на ниската зимска температура, со цел животните да бидат згрижени во топла и пријатна средина.

Тој додава дека во најголем дел од живеалиштата се поставува дебел слој сува слама, која редовно се менува и служи како природна изолација. Дел од објектите располагаат и со уреди за дополнително затоплување, особено во периоди со екстремно ниска температура.

– Во почетокот на зимскиот период, кој се карактеризира со доста ниска температура, ние сме подготвени да им обезбедиме на животните топли и пријатни услови. Почнувајќи од сместувањето во самите објекти кои претежно се од цврста градба, каде што ставаме дебел слој на простирка која овозможува изолација, а поставуваме и квалитетна сува слама –  изјави Божиков.

Воедно, кај мајмуните дополнително има и клима-уред, за да им биде топло живеалиштето. Постојано се работи и на промена на водата, со цел да не замрзне и животните да останат без вода за пиење.

– Водата, која на оваа температура може да биде доста ладна, ја менуваме доста често, за да биде пријатна за пиење – нагласи Божиков.

Животните во Зоолошкиот парк „Бриони“ во текот на зимскиот период добиваат разновидна и балансирана храна, полна со минерали, со цел да се одржи имунитетот, а и редовно се вакцинираат.

 

ИЗДВОЕНИ