сабота, јануари 24, 2026
Дома МАКЕДОНИЈА Топаловски: Брзо возење, црвено светло, нерегистрирани возила и лошо паркирање – тоа...

Топаловски: Брзо возење, црвено светло, нерегистрирани возила и лошо паркирање – тоа се прекршоците со кои ќе стартува „Безбеден град“

222

Возењето во главниот град е значително смирено по тест‑периодот на системот „Безбеден град“, вели началникот на СВР Скопје, Сашо Топаловски. Тој истакна дека граѓаните веднаш го намалиле бројот на прекршоците со воведувањето на опомените, а новиот систем ќе регистрира четири клучни прекршоци кои најмногу ја загрозуваат безбедноста во сообраќајот: брзо возење, поминување на црвено светло, нерегистрирани возила и неправилно паркирање.

– Преку опомените народот многу брзо изреагира во тест-периодот. Беше известен, знаеше што претстои и веднаш го смири своето возење, го смири начинот на возење. Со тоа покажавме дека можеме да бидеме исто како Германците, Австријците, како сите други земји што го имаат тоа инкорпорирано во својот систем – и ние да го почитуваме, изјави Топаловски во подкастот „Радар“.

Тој нагласи дека реакцијата била толку брза што бројот на прекршоци се намалил за повеќе од три пати.

– На почеток имавме преку 110 илјади прекршоци. Нема систем и институција што може да го обработи тоа. Но народот – за два дена – го спушти бројот на 30 илјади. Толку е нашиот паметен народ. На самата опомена, на самиот тест, го намали нивото на брзо возење, додаде тој.

Топаловски објасни дека реформата е насочена кон четири прекршоци кои најмногу влијаат врз редот и безбедноста во сообраќајот: брзо возење, поминување на црвено светло, нерегистрирани возила и неправилно паркирање. Тоа се токму прекршоците што ќе ги детектира системот „Безбеден град“.

– Луѓето велат: „Две-три минути ќе застанам’, а тоа создава огромни проблеми. Ако само на една точка на Партизанска застанат две автомобили, се прават колони што два часа не можете да ги расчистите. Најлошо е што на тој начин се загрозуваат човечки животи – не гледаш пешак, не гледаш кој поминува, предупреди Топаловски.

Тој додаде дека остануваат и другите сообраќајни прекршоци за кои и досега се казнувало, како неносење сигурносен појас или користење мобилен телефон при возење, но преку „Безбеден град“ ќе се регистрираат само четирите приоритетни категории.

ИЗДВОЕНИ