Урбаната музичка сцена во Скопје завчеравечер пулсираше во знакот на енергијата на Тони Зен и на Слаткаристика, двајца од највлијателните артисти на македонскиот хип-хоп. Со големиот концерт во СЦ „Борис Трајковски“ тие ја потсетија публиката во преполната сала на нивните хитови, но и одадоа почит и изразија сочувство за загинатите во стравотниот пожар во Кочани, порачувајќи никогаш да не се повтори.

Со „ѕвездено небо“ беше проследена песната „Исти“, а присутните оваа вечер заедно со Тони Зен и со Слаткаристика ги пееја нивните хитови, но и оние испеани од гостите кои таа вечер им се придружија на сцената збогатувајќи ја извонредната атмосфера.

По повеќе од 18 години од револуцијата што Тони Зен и Слаткаристика ја започнаа на македонската хип-хоп сцена, оваа вечер беше продолжување на музички приказна која никогаш не престана да одекнува.

На сцената се слушаа „Моето маало“, за Ново Лисиче, „Насмевка“ – песна посветена на синот на Слаткаристика, „Спушти се долу“ по која е и насловен концертот, „Скандал“, Казна“, “Океани“, „Бас“…

Ги пееја сами, во дует, со гостите „2 Бона“, „Зи бомб“, „Некст тајм“…. Сепак,  огромен аплауз беше резервиран за Калиопи која како најголемо изненадување се појави на сцената на која ја пееше „Да полетам“, автобиографската песна на Слаткар, заедно со него и со Тони Зен.

Концертот кој долго ќе се памети го организираше продукцијата „Прагма“.

Фото: П. Стојановски

ИЗДВОЕНИ