Наумовски признанието го доби за улогата на Владимир во филмот „Лена и Владимир“, научнофантастичен трилер режиран од Игор Алексов, по сценарио на Александар Русјаков. Филмот веќе привлече внимание на неколку меѓународни фестивали, освојувајќи повеќе признанија
Актерот Тони Наумовски, кој веќе две децении живее и работи во САД, ја освои наградата за најдобар машки актер на престижниот „Инди филм фестивал авордс“ (Indie Film Festival Awards) во Њујорк. Тој признанието го доби за улогата на Владимир во филмот „Лена и Владимир“, научнофантастичен трилер режиран од Игор Алексов, по сценарио на Александар Русјаков. Филмот веќе привлече внимание на неколку меѓународни фестивали, освојувајќи повеќе признанија.
По добивањето на наградата, актерот на социјалните мрежи напиша:
„Возбуден сум, почестен и понизно ја споделувам оваа исклучителна актерска награда за најдобар машки актер за ‘Лена и Владимир’ со вас, од доделувањето на наградите на Indie Film Festival Awards во Њујорк“.
Покрај Наумовски, во филмот глуми Сара Климоска, која ја толкува улогата на Лена, а дел од актерскиот тим се и Дениз Абдула, Луран Ахмети, Петре Арсовски, Петар Мирчевски, Благоја Чоревски и Кирил Коруновски.
Филмот е современа антибајка за два лика исклучени од општеството. Владимир (40) ја изгубил љубовта и се повлекува во самотија, а Лена (16) е девојка од дом за сираци, силувана, малтретирана, никогаш не почувствувала љубов. Кога ќе им се вкрстат патиштата на „чудовиштето“ и убавицата, животите им се свртуваат наопаку.
Потопени во длабоката болка на своето минато, Лена и Владимир откриваат кревка, но издржлива врска што ги надминува нивните поединечни трагедии. Сместено на заднината на шумско светилиште, нивното патување на исцелување и искупување се развива додека тие се движат низ сложеноста на траумата и простувањето… Тие си помагаат еден на друг да ја откријат љубовта кон животот. Филмот изобилува со хипнотизирачки визуелни слики и незаборавни изведби на талентираната актерска екипа.
Наумовски е познат и по своите театарски и филмски улоги во САД. Тој е, всушност, австралиски актер со македонско потекло кој работи во Њујорк.
Својата актерска кариера ја започнал на 16 години, кога се зачленил во една месна македонска актерска група наречена „Талија“. Својата прва професионална улога ја одиграл во 1996, во претставата „Ромео и Јулија“ во Народниот театар во Битола. Истата година се запишал на Националната академија за театарски и филмски уметности (НАТФИЗ), во Софија, во класата на Стефан Данаилов, а студиите ги завршил во 2000 година. Постдипломските студии ги завршил во 2003 година во Сиднеј. Исто така, добил и стипендија од институтот за театар и филм на Ли Стразберг.
Наумовски глумел во „Ова не е американски филм“ на Сашо Павловски, каде ја играл улогата на Боксерот. Играл и во филмот „Медена ноќ“ на Иво Трајков и во филмот „Панкот не е мртов“ на Сашо Павловски. Тој остварил повеќе од 40 улоги, меѓу кои „Еден лет над театарот во Косово“, „Вдовицата Шејлок – Еврејката од Венеција“, „Цар Едип“ итн. За улогата на Диц, СС-офицер, во претставата „Sawbones and the Diamond Eater“, тој бил номиниран за Наградата на Њујоршката фондација за иновативен театар, во категоријата „најдобра улога во драма“.