
Англискиот интернационалец, Иван Тони, вели дека Саудиската професионална лига е „на исто ниво“ со англиската Премиер лига во однос на квалитетот и дека неговиот клуб Ал-Ахли би се борел за титулата на Островот. Тони, кој го замени Брентфорд со саудискиот клуб минатото лето, ја освои Лигата на шампионите во Азија и постигна 35 гола откако пристигна.
Сепак, и покрај неговата импресивна форма, Тони не е повикан од селекторот Томас Тухел за последното коло од квалификациите за Светското првенство, што го остава неговото место на списокот за патување во САД, Мексико и Канада, следната година под знак прашалник.
Саудиската професионална лига е критикувана откако направи огромен пробив во летото 2023 година привлекувајќи некои од најголемите светски ѕвезди, вклучувајќи ги Кристијано Роналдо, Карим Бензема и Неимар, што го потресе европскиот фудбалски пазар. Сепак, Тони им возврати на критичарите, отфрлајќи го потценувачкиот став кон лигата и споредувајќи ја со најквалитетната лига во англискиот фудбал.
„За мене, саудиската лига е на исто ниво со Премиер лигата“, изјави тој за „Гардијан“ и додаде: „Доколку Ал-Ахли се натпреваруваше во Премиер лигата, сигурен сум дека ќе се боревме под рамноправни услови и блиску до првите четири. Тоа е квалитетна лига и луѓето не треба да ја потценуваат.“
Неговите тврдења се поткрепени со фактот дека Ал-Ахли има голем број познати имиња во тимот. Меѓу соиграчите на Тони се Ријад Марез, Едуар Менди, Франк Кеси и, до ова лето, Роберто Фирмино.
Како клучен аргумент за своите тврдења, Тони ја посочи победата на ривалите Ал-Хилал над Манчестер Сити на Светското клупско првенство, кога саудискиот тим славеше со 4:3. Поранешни ѕвезди од Премиер лигата како Жоао Кансело, Калиду Кулибали и Рубен Невес исто така играа за тимот од Ријад таа вечер.
„Ќе твитнев за тоа, но ќе ме убиеја дома, па затоа претпочитав да молчам. Но, луѓето можеа да го видат квалитетот на Ал-Хилал тогаш. Стандардот во Саудиска Арабија е висок. Тука се игра сериозен фудбал. Играчите можеби не се толку познати како во Премиер лигата, но многу од нив имаат квалитет да играат таму.“, заврши Тони.