Заклучно со вчера, до 16 часот, имаме околу 700 возила кои веќе се брендирани, обележани. Очекувам до последниот рок, 29 септември, дека сите возила ќе бидат обележани. Имаме соработка со сите институции и задоволен сум од динамиката, изјави вечерва директорот на Службата за општи и заеднички работи на Владата (СОЗР) Ивица Томовски.
Во гостувањето на Сител Телевизија рече дека целта е сите службени возила и возила во сопственост на државата да бидат брендирани, односно да ги заменат регистарските таблички на службените возила со нови, специјални таблички во боја. Томовски појасни дека возилата што се спомнуваат во јавноста, или околу 7 500, голем дел од нив се вон употреба и најверојатно, како што рече, ќе бидат расходовани. Ги повика институциите да пристапат кон рационализација на возила и да се сведе на минимум нивната употреба, онолку колку што е им потребно на институциите за непречено функционирање.
– Сите оние 7 500 возила кои ги спомнуваме, туку припаѓаат и возилата од Министерството за внатрешни работи, Министерството за надворешни работи и надворешна трговија, Агенцијата за национална безбедност, амбулантните возила, протипожарните возила, се она што значи државна сопстевност. Она што можеби би и било потребно на државата не би требало да брои повеќе од 2000 возила за да можеме понатаму непречено да функционираме. Тука влегуваат и оние инспекциски служби, како УЈП, Управата за финансиска полиција…, рече Томовски. Потенцира дека оние што ќе се обидат да избегнат промена на таблиците до 29 септември, тоа нема да можат да го избегнат кога ќе дојде редовна регистрација и ги повика да ја почитуваат препораката на Владата и дадениот рок.
Томовски информира дека почнале формирање работна група меѓу МВР и СОЗР, најави дека ќе се пристапи кон промена на регулативата за да се види дали во рамки на пропишаните закони може да се направи нешто во казнувањето, во делот на злоупотреба. Очекува тоа да се заврши до крајот на годинава и до тогаш МВР, како што рече, презема одговорност да го направи регистарот на возила, каде ќе бидат и службените возила и сите возила во државата.
Директорот на СОЗР очекува до 29 септември дека сите општини ќе пристапат кон промена на таблиците и потсети дека на нивната веб-страница има јасни инструкции. Информира дека се разговора во рамки на нивната служба, заедно со МВР, на сите возила да им се инсталира Џи-пи-ес (GPS) за да се спречат злоупотребите на возилата.
Тој информира дека како служба и стојат на располагање на Антикорупциската комисија и оти досега доставиле во зададениот рок колку службени возила има и кои ги имаат на располагање.