Том Круз се враќа за „Топ Ган 3“, објави „Парамаунт Студиос“ за време на презентацијата на CinemaCon во Лас Вегас, заедно со продуцентот Џери Брукхајмер.
Продолжението на филмот на Џозеф Косински од 2022 година „Топ Ган: Маверик“ беше првпат најавено во 2024 година, со сценаристот Ерен Кругер, кој исто така го напиша сценариото за „Маверик“ со Ерик Ворен Сингер и Кристофер Меквари, објавува „Варајати“.
„Топ Ган: Маверик“ стана голем хит на бокс-офисот во време кога многу кина сè уште беа затворени за време на пандемијата Ковид-19.
Заработи 1,5 милијарди долари на глобалните бокс-офиси со буџет од 170 милиони долари (околу 156 милиони евра), давајќи им на кината многу потребен поттик во тешки времиња.
Круз се враќа во улогата во „Маверик“ 36 години откако првпат го играше талентираниот пилот во оригиналот од 1986 година.
Неговиот поручник Пит „Маверик“ Мичел се враќа во познато училиште за летање за да обучи нова генерација пилоти за опасна мисија.
Таму го среќава Бредли „Рустер“ Бредшо (Мајлс Телер), син на неговиот најдобар пријател Пит „Гас“ Бредшо, кој беше убиен во првиот филм. Заедно, тие успеваат да ја завршат мисијата со другите пилоти и да се вратат дома живи и здрави.
Покрај Круз и Телер, екипата на „Маверик“ вклучуваше и голем број млади актери во подем. Глен Пауел, Луис Пулман, Моника Барбаро, Дени Рамирез, Џеј Елис, Грег Тарзан Дејвис и Мани Хасинто ги играа новите пилоти.
Други членови на екипата беа Џенифер Конели, Џон Хам, Чарлс Парнел, Ед Харис и Башир Салахудин. Филмот беше и последната улога за оригиналниот колега на Круз од „Топ Ган“, Вал Килмер, кој го играше Том „Ајсмен“ Казански. Килмер почина во 2025 година.












