Високи концентрации на токсични „вечни хемикалии“ се пронајдени во секојдневните житни производи, вклучувајќи леб, тестенини и житарки за појадок, низ цела Европа.
Истражувањето на Мрежата за акција против пестициди во Европа (PAN) покажа дека просечните нивоа на трифлуороцетна киселина (TFA) во овие прехранбени производи се до 100 пати повисоки отколку во водата од чешма, објавува The Guardian.
Пер- и полифлуороалкилни супстанции (PFAS) се користат во индустријата и производите за домаќинство уште од 1950-тите. Тие се нарекуваат „вечни хемикалии“ бидејќи се речиси целосно неразрушливи и можат да останат во животната средина стотици години. Откако ќе влезат во почвата или водата, тие остануваат таму многу долго време, а нивното целосно влијание врз здравјето на луѓето и екосистемот само што почнува да се согледува.
Трифлуороцетната киселина се формира кога пестицидите што содржат PFAS се распаѓаат. Таа е класифицирана како репротоксична супстанција, што значи дека може да му наштети на плодноста, развојот на фетусот и репродуктивното здравје. Исто така, е поврзана со нарушувања на тироидната жлезда, црниот дроб и имунолошкиот систем. И покрај ова, надлежните институции сè уште не вршат систематско следење на TFA во храната.
Во првата студија од ваков вид на ниво на Европската Унија, анализирани се 65 житни производи од 16 земји. ТФА е откриен во 81,5 проценти од примероците, често во високи концентрации. Најконтаминирани биле пченичните производи, а највисоки нивоа се забележани во житни снегулки од Ирска, по што следува интегрален леб од Белгија и Германија и во француски багет.
Хемикалијата е пронајдена во широк спектар на производи – од шпагети и кроасани до меденки. Активистите бараат итно да се утврдат построги безбедносни ограничувања на ТФА и да се забранат пестицидите базирани на PFAS за да се спречи понатамошно загадување на синџирот на исхрана.
„Сите луѓе се изложени на ТФА преку храната и водата за пиење. Нашите наоди покажуваат дека е потребна итна забрана за PFAS пестициди за да се спречи понатамошното загадување“, рече Саломе Ројнел од PAN Europe.












