На втората годишнина од смртта на рускиот опозициски лидер Алексеј Навални, неговата мајка Људмила Навални побара правда за својот син. Осврнувајќи се на истрагата на пет европски земји која заклучи дека лидерот на опозицијата бил отруен со редок токсин, таа рече дека оваа истрага го потврдува она што било познато од самиот почеток.
„Знаевме дека нашиот син не умрел само во затвор. Тој бил убиен“, изјави таа пред новинарите собрани во близина на неговиот гроб во Москва.
„Поминаа две години и сега знаеме со што бил отруен. Мислам дека ќе биде потребно време и на крајот ќе откриеме кој го сторил тоа“, додаде таа.
Неколку десетици луѓе се собраа денес во Москва на гробот на Навални, голем противник на Кремљ, кој почина во затвор на 16 февруари 2024 година на 47-годишна возраст.
Велика Британија, Франција, Германија, Шведска и Холандија пред два дена објавија дека Навални бил отруен во казнена колонија пред две години.
Петте влади во заедничка изјава соопштија дека нивниот заклучок е базиран на анализи на примероци од телото на Навални, за кои велат дека јасно го потврдуваат присуството на епибатидин, токсин добиен од отровни жаби што живеат во Јужна Америка.
Навални почина во арктичка казнена колонија во февруари 2024 година, а неговиот тим и неговата сопруга, Јулија Навални, го обвинуваат претседателот Владимир Путин дека го наредил убиството.












