ТОА ШТО ТРАЕ Е РОДЕНО ВО ИМАГИНАЦИЈА: Награден конкурс за уметници до 35 години

17

Сликари, вајари, фотографи, како и дигитални, визуелни и мултимедијални уметници од седум земји од регионот се поканети да се пријават на уметничкиот конкурс и да учествуваат на изложбата со наслов „Тоа што трае е родено вo имагинација“, организирана од регионалната правна пракса Karanović & Partners. Темата на конкурсот е интерпретација на процесот што води до трајност – каде трајната вредност произлегува од одлуки, дисциплина, посветеност, но и од интуиција и вера.

Студенти на ликовни академии и други уметници до 35 години од Србија, Хрватска, Босна и Херцеговина, Црна Гора, Северна Македонија, Словенија и Албанија имаат можност да поттикнат креативен дијалог за улогата на имагинацијата во создавањето на трајни вредности.

За најдобрите дела обезбедени се три парични награди – 2.000 евра за прво место, 1.500 евра за второ и 1.000 евра за трето. Уметниците може да ги испратат своите дела најдоцна до 23 јули на [email protected].

Кристина Армуш, историчарка на уметност и претседателка на жирито, истакна дека конкурсот не бара дела кои потсетуваат на сигурност или препознатливи визуелни формули, туку оние што откриваат вистина – внатрешна, единствена, ранлива и често неизговорена.

„Не нè интересира само како изгледа поднесеното дело, туку што носи во себе: која потреба, која дилема, кој импулс. Во време кога сè се мери според брзина и видливост, сакаме да го наградиме она што трае – затоа што доаѓа од длабок, личен простор на автентичен израз“, додаде Армуш.

Стручната комисија, составена од реномираната апстрактна уметница Светлана Нинковиќ, Растко Петаковиќ, сениор партнер во Karanović & Partners, и Кристина Армуш како претседателка на жирито, ќе ги избере добитниците на конкурсот. Дополнително, 15-те најдобри дела ќе бидат изложени во галеријата N.EON во Белград на 25 и 26 септември, како дел од одбележувањето на 30 години постоење на Karanović & Partners.

„Во време на вртоглави технолошки креативни револуции, особено со појавата на нови алатки базирани на вештачка интелигенција, постои ризик да заборавиме дека човечката емоција е суштината, процесот и продуктот на уметничкиот израз. И покрај сите предизвици што ги носи технологијата, ние цврсто веруваме во хуманизмот. Веруваме во моќта на младите уметници да го обликуваат светот и да ги поместат границите на човечкото изразување – денес повеќе од кога било“, изјави Растко Петаковиќ.

На конкурсот може да се пријават дела од најразличен формат – од сликарство, вајарство, фотографија и инсталации, до дигитална уметност, видеа и мултимедијални форми. Пријавените дела може да бидат веќе завршени или во форма на продукциски предлог, и во традиционални и во современи медиуми.

„Јас тоа го нарекувам моментот пред создавање. Сè уште постои само како можност. Хаос пред формата, мигот кога импулсот станува мисла, а невидливото почнува да добива облик. Младите уметници денес, и покрај бројните предизвици, ја имаат моќта да го преобликуваат, поместат и изградат светот одново. Затоа ги повикувам да создаваат од неопходност и вера во сопствената визија“, рече Светлана Нинковиќ, членка на стручната комисија.

За да учествуваат на конкурсот, кандидатите треба да испратат пријава што вклучува: лични податоци (име и презиме, датум на раѓање, земја на живеење), информации за делото (наслов, техника, димензии, година на изработка), краток опис на делото (300–400 зборови) и визуелен приказ (фотографија, скица или дигитална слика). За фајлови поголеми од 5 MB, пријавите треба да се испратат преку WeTransfer.

Повеќе за наградниот конкурс за уметници до 35 години можете да дознаете на овој линк – https://www.karanovicpartners.com/news/what-endures-began-as-imagination/

ПР објава

ИЗДВОЕНИ