Еден загинат десетици повредени – тлото во Турција продолжува да се тресе, регистрирани уште стотина земјотреси

45
Фото: X/EMSC

Во земјотресот со јачина од 6,1 степен според Рихтеровата скала што синоќа го погоди округот Синдирги во Баликешир во западна Турција, загина 81-годишен маж, а 29 лица беа повредени.

По земјотресот, стотина помали земјотреси со јачина помеѓу 2 и 4,5 степени беа регистрирани во Турција во текот на ноќта. Утрово, земјотрес со јачина од 3,2 степени според Рихтеровата скала беше регистриран и на 25 километри од центарот на Анкара во округот Етимесгут, објавија турските медиуми.

Земјотресот со јачина од 6,1 степен според Рихтер што го погоди Баликешир во неделата беше почувствуван и во Истанбул, Бурса, Баликешир, Коџаели и околните провинции, објави турскиот весник „Хуриет“.

Турскиот министер за внатрешни работи Али Јерликаја, кој го посети погодениот регион, изјави дека вкупно 29 лица се повредени во земјотресот, но дека никој не е сериозно повреден.

„Има урнати згради во 16 села, 12 куќи се напуштени“, рече Јерликаја.

Турскиот министер за здравство, Кемал Мемишоглу, изјави дека вкупно 52 лица се примени во турските болници во врска со земјотресот, од кои 29 се на лекување.

„Се молам за Божја милост за нашиот починат граѓанин и изразувам сочувство до неговото семејство. Им посакувам брзо закрепнување на сите наши повредени сограѓани“, рече Мемишоглу.

Турската агенција за управување со катастрофи и вонредни состојби (АФАД) утрово соопшти дека втор потрес со јачина од 3,7 степени според Рихтеровата скала утрово го погодил округот Синдирги во покраината Баликешир на длабочина од приближно седум километри.

ИЗДВОЕНИ