Во услови кога загадувањето на воздухот е меѓу најсериозните еколошки и јавноздравствени проблеми во земјава, јавниот превоз – кој по правило треба да биде дел од решението – во Македонија сè почесто станува дел од проблемот. Статистичките податоци покажуваат дека дури 97,8 % од автобусите во Македонија се дизел, што ги прави еден од најголемите мобилни извори на загадување во урбаните средини. Само 1,7 % користат гас, додека електричните автобуси се речиси статистичка грешка – само 15 возила или 0,4 % од вкупниот возен парк.
Од еколошки аспект, експертите предупредуваат дека без јасна стратегија за исфрлање на старите дизел-автобуси, не може да се зборува за зелена транзиција. Сметаат дека јавниот превоз треба да биде столб на борбата против загадувањето, а не негов највидлив симбол, бидејќи со секој увезен половен дизел-автобус државата „купува“ уште неколку години загадување и уште една генерација граѓани изложени на штетен воздух
Во услови кога загадувањето на воздухот е меѓу најсериозните еколошки и јавноздравствени проблеми во земјава, јавниот превоз – кој по правило треба да биде дел од решението – во Македонија сè почесто станува дел од проблемот. Статистичките податоци покажуваат дека државата располага со релативно густ автобуски превоз, кој, во најголем дел, се темели на стари, застарени и речиси исклучиво дизел-автобуси, кои со години го загадуваат воздухот што го дишат граѓаните.
Најзагрижувачки податок е структурата на возниот парк. Дури 97,8 проценти од автобусите во Македонија се дизел, што ги прави еден од најголемите мобилни извори на загадување во урбаните средини. Само 1,7 проценти користат гас, додека електричните автобуси се речиси статистичка грешка – само 15 возила или 0,4 проценти од вкупниот парк. Во време кога европските градови масовно ги исфрлаат дизел-автобусите од употреба, македонските улици и понатаму се исполнети со возила што испуштаат азотни оксиди, ПМ- честички и јаглерод диоксид – загадувачи директно поврзани со респираторните заболувања, кардиоваскуларните проблеми и со зголемената смртност.
Еколошкиот проблем дополнително се продлабочува со староста на возилата. Просечната старост на автобусите во Македонија изнесува околу 18,7 години, а повеќе од 81 процент се постари од 10 години. Практично, најголем дел од автобусите што секојдневно превезуваат патници се произведени во период кога еколошките стандарди биле далеку пониски од денешните. Со овој број, Македонија е рамо до рамо со најстарите автобуски паркови во Европа, надминувајќи го просекот на Европската Унија од околу 12,5 години и израмнувајќи се со земји како Романија и Грција, кои важат за меѓу најлошите во Унијата кога станува збор за застарениот јавен превоз.
Состојбата е особено алармантна во главниот град. ЈСП – Скопје располага со автобуси со просечна старост од околу 13 години, но во секојдневен сообраќај може да се видат и возила стари над 30 години, меѓу кои и некогашните автобуси „санос“. Овие возила одамна ги немаат ниту минималните еколошки перформанси што денес се стандард во европските метрополи и претставуваат подвижни извори на загадување низ централните градски зони.
Според податоците за 2024 година, во земјата се регистрирани околу 3.690 автобуси, односно околу 2 автобуси на 1.000 жители – повеќе од европскиот просек од 1,6. Но, во македонски услови ова не значи поквалитетен јавен превоз, туку повеќе стари дизел-возила на улиците и поголем притисок врз квалитетот на воздухот по глава на жител. Иако според „Евростат“, Македонија во 2024 година обновила 379 автобуси, со стапка на обнова од околу 10,2 проценти, двојно повисока од просекот во Европската Унија, овој процес не носи суштинска промена. Обновувањето најчесто се сведува на увоз на половни дизел-автобуси, а не на вистинска технолошка трансформација кон чист и одржлив јавен превоз.
Во исто време, речиси половина од новите автобуси во Европската Унија се електрични или на водород, што јасно ја покажува насоката во која се движи европската транспортна политика. Македонија, пак, останува заглавена во модел што ја продолжува зависноста од фосилни горива и ги одложува придобивките од зелената транзиција.
Старите дизел-автобуси не се само сообраќаен туку и сериозен јавноздравствен проблем. Според меѓународни научни класификации, ПМ-честичките, издувните гасови од дизел-возилата, бензенот, полицикличните ароматични јаглеводороди и одредени тешки метали се класифицирани како канцерогени од прва група – супстанции за кои е докажано дека предизвикуваат рак кај луѓето. Истражувањата покажуваат дека дизел-автобусите постари од 10 до 15 години емитуваат неколкукратно повеќе штетни честички од современите возила, а кај автобусите стари над 20 или 30 години практично и не постои филтрација.
Од граѓанската платформа „О2 Иницијатива“ предупредуваат дека аерозагадувањето во Македонија одамна го надминало прагот на еколошки проблем и прераснало во сериозна јавноздравствена криза. Македонија со години се наоѓа меѓу земјите со највисока смртност поврзана со изложеност на ПМ 2,5-честички, а само во 2023 година, според податоците на иницијативата, 222 лица на 100.000 жители во ризик починале како последица на долготрајна изложеност на овие најситни и најопасни честички, кои продираат длабоко во белите дробови и во крвотокот.
И покрај ваквите бројки, институционалниот одговор останува слаб. Како што укажуваат од „О2 Иницијатива“, и во 2025 година продолжила практиката дел од мерните станици со години да не функционираат. Во моментов, 39 инструменти не работат, што претставува околу 30 проценти од државната мрежа за мониторинг на воздухот. Дополнително, не се мерат редовно тешките метали, бензенот, бензо(а)пиренот, хемискиот состав на ПМ 2,5 и прекурсорите на озонот, иако тоа е законска обврска, поради што јавноста и институциите немаат реална слика на какви концентрации од канцерогени супстанции се изложени граѓаните.
Од иницијативата предупредуваат и дека максимално дозволените концентрации на загадувачи, утврдени од државата и од Европската Унија, не се базирани на заштита на здравјето, туку на политичко-економските компромиси, поради што се значително повисоки од вредностите што ги смета медицината за безбедни.
– Во последните пет години, во однос на ПМ 2,5-честичките нема суштинска промена – во зима концентрациите се и до 18 пати повисоки од здравствено прифатливите, а надвор од грејната сезона – и до 3,5 пати повисоки. Посебно загрижува и загадувањето со азотен диоксид, кое, главно, доаѓа од сообраќајот и од согорувањето на фосилни горива, со вредности што во зима достигнуваат и до 4,5 пати над здравствените граници – велат од граѓанската платформа.
„О2 Иницијатива“ остро критикува дека не е направено ништо суштинско за системско намалување на загадувањето – ниту во греењето, ниту во сообраќајот, индустријата или градежништвото. Велат дека наместо мерки, доминираат ветувања.
Од еколошки аспект, експертите предупредуваат дека без јасна стратегија за исфрлање на старите дизел-автобуси, не може да се зборува за зелена транзиција. Сметаат дека јавниот превоз треба да биде столб на борбата против загадувањето, а не негов највидлив симбол, бидејќи со секој увезен половен дизел-автобус државата „купува“ уште неколку години загадување и уште една генерација граѓани изложени на штетен воздух.
(С. Бл.)












