Македонија мора да одржува чекор со аеродромите во соседните земји со отворање нови дестинации и со ниски цени на авиобилетите за да не ги загуби патниците. Аеродромите во Приштина и во Тирана, со своите поволни понуди, сè повеќе привлекуваат патници од нашата земја.
Покрај белградскиот аеродром „Никола Тесла“, приштинскиот стана единствениот аеродром од регионот што се најде на листата на 100 најфреквентни европски аеродроми во првиот квартал од годинава – Белград е на 67. место, а Приштина на 94. позиција. Аеродромот во Тирана бележи рекорден број патници, а, како што објавија медиумите во соседна Албанија, голем број од патниците се од Македонија.
Македонија планира да ја води трката за привлекување патници со нискобуџетни авиокомпании како што е „Визер“, која е присутна долги години и која лета до голем број европски аеродроми. Во моментов, македонската Влада спроведува субвенциска програма од 5,8 милиони евра за периодот 2025 – 2027 година, со која на авиокомпаниите што ќе воведат нови редовни линии им се нудат по девет евра од патник на скопскиот аеродром и по дванаесет евра на охридскиот.
„Визер“ и натаму ја користи оваа поволност, доминирајќи на македонскиот пазар со повеќе од 50 % удел од вкупниот број патници. Во изминатите 18 месеци, операциите на „Визер“ беа сериозно погодени од прегледите на авионските мотори, поради што голем дел од авиофлотата на компанијата беше приземјена. Иако „Визер“ започна со обнова на капацитетите и со воведување нови линии, закрепнувањето на скопската база е побавно во споредба со други пазари.
Деновиве, министерот за транспорт и врски, Александар Николоски, најави дека се водат преговори за можно влегување на нискобуџетната „Рајанер“ на домашниот пазар. За ваква можност беше разговарано на средбата на Николоски во Лондон со извршниот директор на „Рајанер“, Мајкл О’Лири, за воспоставување летови до Скопје. Претставник на „Рајанер“ деновиве изјави дека во следниот период ќе има натпревар помеѓу „Рајанер“ и „Визер“, но дека предноста е кај нив, затоа што се поголема компанија и предноста е во распределбата на трошоците и пониските цени.
Со евентуален влез на овој превозник, Николоски очекува значително зголемување на бројот на директни авиолинии. Најверојатно, и натаму ќе се продолжи со субвенционирањето на нови авиодестинации и патници во заминување од двата домашни аеродрома. За таа цел и се прават измени во Законот за воздухопловство, со кои се предлага да се зголеми на шест години финансиската поддршка за нови авиолинии.
– Сегашната регулатива предвидува финансиска поддршка во траење од три години за авиопревозниците што ќе воведат нова дестинација. Со цел да се поттикне развојот на пошироки мрежи на маршрути и да се поддржи одржлив раст на поврзаноста, се предлага зголемување на периодот на поддршка до шест години – се вели во предлог-законот поднесен од пратениците: Бојан Стојаноски, Бране Петрушевски, Драгана Бојковска, Јане Мицевски, Катерина Димитровска и Тони Јаревски.
Сегашната регулатива предвидува финансиска поддршка во траење од три години за авиопревозниците што ќе воведат нова дестинација.
(С. Бл.)