Тино и Атанас, стендап-комичари, ќе го најдат и последниот Македонец на светот за да го насмеат

46

На 21 и 23 ноември во „Јане Сандански“ во Скопје!

Во време кога сите сме онлајн и никој не е „присутен“, двајца од најпопуларните македонски стендап-комичари, Тино Костадиновски и Атанас Атанасовски, решија буквално да нè вратат со „На линија“.
Токму така се вика нивното најново стендап-шоу, кое ќе се одржи во живо, на 21 и 23 ноември од 20:00 часот, во салата „Јане Сандански“ во Скопје.

На прес-конференцијата што ја одржаа по тој повод, за одбраните новинари, кои им се и доверливи, бидејќи нема да пренесат ништо по примерот „ти реков-ми рече“, Атанасовски, Костадиновски и организаторите од „Тикетс.мк“ ги споделија сите детали за новиот проект, кој ветува смеење до солзи, без вај-фај. – Денес, во ова ново време, кога живееме и спиеме со телефоните, како да не живееме. Поточно, не живееме. И точка! Ќе се обидеме да ги излекуваме луѓето од тој живот, барем на два часа, додека се смеат во живо – вака актерот Атанас Атанасовски ја започна прес-конференцијата, објаснувајќи ја суштината на шоуто.

Тој искрено призна дека најтешко му е да остане сериозен додека сите околу него се смеат. – Кога создаваме стендап, се водиме од тоа дали нам ни е смешно. Ако мене ми е смешно, тогаш верувам дека ќе им биде и на сите други објасни со насмевка.

Тино Костадиновски, со својата препознатлива харизма, се потсети на првите чекори направени на сцената со Атанасовски.

– Нашиот прв заеднички стендап беше во 2013 година, на „Златна бубамара на популарноста“. Тогаш мислев дека е тоа генијално. Сега, кога ги гледам снимките, мислам дека е катастрофа. Публиката, нормално, се смееше. Сега, ова новото шоу, „На линија“, има симболично значење – линијата што нè поврзува сите, без разлика колку сме различни објасни Костадиновски.

 По успешниот стендап „(Нат)просечен Македонец“, кој го изведоа во цела Македонија и низ Европа, Тино и Атанас се подготвуваат за уште поголем предизвик.

– Сакаме да го најдеме последниот Македонец на светот и да го насмееме – вели Тино.

Организаторот Ален Хаџиќ од „Тикетс.мк“ истакна дека тие се единствените македонски комичари што успеале да продадат шест сали во Скопје и да настапат пред над 40-50 илјади луѓе.

– Ова што го прават Тино и Атанас е вистински феномен. Тоа значи дека публиката сака да се смее, само треба некој да ја „вклучи“ во смеењето – нагласи Хаџиќ.

На сцената, на Тино и Атанас ќе им се придружат Александар Михајловски и Антонио Ташковски, кои се дел од новиот бран македонски стендап. – Чест ми е што ќе бидам дел од ова шоу. Публиката ќе има можност да види свежа, современа хумористична енергијаистакна Ташковски.

Атанасовски, пак, духовито објасни: – Толку работи се случија во Македонија последниве месеци, што не можеме сите да ги ставиме во еден стендап. Собираме зимница за следните шоуа. За финале на прес-конференцијата, Мaкедонскиот олимписки комитет им подари плакети на актерите, со ветување дека ако ја наполнат салата десет пати, десеттиот пат „Јане Сандански“ ќе им биде гратис. (Се разбира, сите се насмеаја, но кој знае, можеби навистина ќе им треба таа десетка.)

„На линија“ не е само стендап-шоу, тоа е и обид за реално поврзување во време кога сите сме виртуелни.
Тино, Атанас и нивната екипа ветуваат вечер полна со смеа, но и она најважното – жив контакт со публиката. Затоа, „вклучете“ се во вистинскиот живот на 21 и 23 ноември!

 

ИЗДВОЕНИ