„ТикТoк“ повторно под истрага на регулаторите на ЕУ

102
Фото: EPA-EFE/CAROLINE BREHMAN

Платформата „ТткТок“ е под нова истрага од страна на Европската Унија поради сомневања дека приватните податоци на корисниците се испраќаат во Кина, објавија регулаторите на ЕУ.

Истрагата е продолжение на сличен случај во кој „ТикТок“ беше казнета со 530 милиони евра претходно оваа година откако беше откриено дека апликацијата ги изложува корисниците на ризик од шпионажа.

„ТикТок“ претходно им потврди на регулаторите на ЕУ дека не ги чува податоците на европските корисници во Кина, само за подоцна да ја повлече таа изјава и да каже дека некои податоци сè уште се чуваат на кинески сервери.
„Како резултат на тоа, регулаторот сега одлучи да ја отвори оваа нова истрага за „ТикТок“, соопшти регулаторното тело.

Во соопштението се вели дека целта на истрагата била да се утврди дали „ТикТок“ ги исполнил своите обврски според Општата регулатива за заштита на податоци (GDPR) на ЕУ во контекст на спорните трансфери, вклучително и законитоста на трансферите на податоци.

Платформата, во сопственост на кинеската компанија „БајтДанс“, неколку пати беше под истрага од страна на ЕУ поради загриженоста на западните претставници дека апликацијата претставува безбедносен ризик за корисниците.

Според GDPR, податоците на европските корисници можат да се пренесат надвор од ЕУ само ако постојат заштитни мерки што обезбедуваат исто ниво на заштита како она што е во сила во ЕУ.

Се смета дека само 15 земји во светот имаат исти стандарди за приватност на податоци како ЕУ, а Кина не е една од нив.

ИЗДВОЕНИ