Двајца белгиски корисници на ТикТок, Нил и Сене, познати по своите вирални шеги, успеаја да го закачат својот портрет покрај Мона Лиза во музејот Лувр – без никаква реакција од обезбедувањето. Инцидентот се случи во петок, 14 ноември, во сала на првиот кат од музејот.
„Следниот ден добивме порака дека сликата е сè уште на ѕидот. Не чекавме дополнителни информации, веднаш го напуштивме Париз“, изјавија тие за BFMTV.
Инфлуенсерите, кои имаат повеќе од 48.000 следбеници, однапред подготвија трик за да ја поминат безбедносната проверка на влезот. Направија рамка од Лего коцки што лесно можеа да ја расклопат и сокријат во обична торба. Откако влегоа во музејот, едноставно ја составија и ја закачија на ѕидот меѓу венецијанските слики од 16 век, а потоа мирно си заминаа.
@neal_senne Ons Schilderij In Louvre Hangen 🖼️🇫🇷 #fyp #fy #voorjou #foryou #viral ♬ origineel geluid – Neal & Senne
Оваа необична шега се случи помалку од еден месец по големиот грабеж во Лувр и го отвори повторно прашањето за безбедноста на музејот. Државната ревизорска комисија веќе предупреди дека Лувр има премалку камери и заостанува во модернизацијата на својата безбедносна опрема.
На 19 октомври, четворица крадци украдоа накит од Кралската колекција во галеријата Аполо, во вредност од околу 88 милиони евра. Накитот сè уште не е вратен, но седум осомничени се уапсени, вклучувајќи двајца обвинети за организирана кражба.












