Тие сме, „Златна топка“, „Франс фудбал“ и ВЕЧЕР!

80

Сите ја знаеме онаа старата, ако самиот не се пофалиш, кој ќе те пофали? Тоа е така, но јас не сакам да се фалам, сакам да пренесам, да раскажам за нешто што ќе го паметам вечно и што ќе остане желба за секој друг Македонец, сè додека сум уредник и додека дневниот весник ВЕЧЕР е единствениот македонски медиум што е дел од специјалното жири и гласа за најважната индивидуална награда во фудбалскиот свет – „Златната топка“ на „Франс фудбал“.

Првпат откако ВЕЧЕР ја има таа чест да биде единствениот македонски медиум што гласа за „Златната топка“, македонски новинар присуствуваше на свечената церемонија, беше меѓу ретките и привилегираните во светски познатиот театар, кои во живо дознаа дека драгоцениот трофеј ќе заврши во рацете на крилниот напаѓач од редовите на актуелниот европски клупски шампион, тимот на ПСЖ, Осман Дембеле.

И пред една година добив покана, бев акредитиран, да бидам дел од големиот спектакл, но го пропуштив затоа што неколку дена пред да патувам за Париз, бев каснат од улично куче и морав да мирувам.

epa12398959 Ruud Gullit (L) takes a picture with Paris Saint-Germain’s player Ousmane Dembele (2-R) and Barcelona’s Aitana Bonmati (2-L) during the Ballon d’Or 2025 ceremony at the Theatre du Chatelet in Paris, France, 22 September 2025. Aitana Bonmati won the Women’s Ballon d’Or 2025 and Ousmane Dembele won the Ballon d’Or 2025. EPA/Mohammed Badra

Тогаш си ветив дека ќе направам сè што е во моја моќ за да бидам дел од тоа друштво, на светски познати новинари, на големи фудбалски ѕвезди и во живо да ја следам свечената церемонија.

Кога си од Македонија, лесно можеш да ги препознаеш разликите во сите сфери, во различните општества, организацијата, во почитта што ја заслужуваш, а не ја добиваш, фудбалски кажано, на домашен терен.

Кога станува збор за „Златната топка“, е тука си имаш работа со професионалци, со Европската куќа на фудбалот (УЕФА), со професионална агенција што го организира целиот настан. Сè е под конец, нема право на грешка, сè се проверува, се внимава на секој детаљ и сè е транспарентно.

Се преставив кој сум и што сум, аплицирав, пополнив што треба, испратив што ми побараа и добив акредитација. ВЕЧЕР е, сепак, бренд кој постои 62 години, кој обезбедува плата за 30 луѓе, новинари, фотографи, техничари, лектори, маркетинг, кој излезе дека е попочитуван на светската сцена отколку на домашната. Таму не треба да си меѓу „омилените новинари“ на Федерацијата или, пак, да си „другар“ со портпаролот за да добиеш покана. Македонското спортско новинарство е чудна работа, успеваат само тие што се како гума.

epaselect epa12398758 Paris Saint-Germain’s player Ousmane Dembele poses with the Men’s Ballon d’Or trophy during the Ballon d’Or 2025 ceremony at the Theatre du Chatelet in Paris, France, 22 September 2025. EPA/Mohammed Badra

Дента, кога беше на програмата свечената церемонија, ние, сите акредитирани новинари, моравме да си ги подигнеме своите акредитации во театарот „Théâtre du Châtelet“, а потоа се упативме кон ресторанот каде што беше и медија центарот. Веднаш до ресторанот беше и црвениот килим, на кој, неколку часа подоцна, продефилираа и големите фудбалски ѕвезди.

Организацијата беше на највисоко можно ново, безбедноста исто така. Како што се наближуваше почетокот на големиот спектакл така растеше и тензијата како помеѓу новинарите така и меѓу учесниците. Следев сè што се случува на црвениот килим, заедно со големиот број обожаватели, кои јасно и гласно „кажаа“ дека „Златната топка“ мора да заврши во рацете на Осман Дебеле.

На моменти имав чувство како да сум на некаков фудбалски натпревар, навивачите на ПСЖ навиваа по улиците на Париз и буквално збеснаа кога се појави нивниот миленик. Сосема обратна беше ситуацијата кога зачекори на црвениот килим ѕвездата на каталонскиот гигант Барселона, Ламин Јамал, но тоа беше очекувано.

Пред почетокот на церемонијата, учтиво бевме замолени да не ги користиме нашите мобилни телефони за да направиме некаква фотографија. Ни беше кажано дека веднаш по завршувањето ќе ги добиеме сите прес- материјали и потребните фотографии. И така беше. Имаше и такви што се обидоа да направат некоја фотографија, но веднаш беа опоменати од обезбедувањето дека ако го повторат тоа, ќе бидат отстранети од театарот.

epa12398462 Barcelona’s players Rafinha (L) and Lamine Yamal arrives for the Ballon d’Or 2025 ceremony at the Theatre du Chatelet in Paris, France, 22 September 2025. EPA/Mohammed Badra

Нормално, секој сакаше да направи слика со Јамал, Дембеле, Гулит, Капело, Дешамп, Ван Дајк, Зомер, Иниеста, Матеус… но за новинарите тоа беше невозможно.

Како што се наближуваше моментот за доделување на „Златната топка“ така поголемиот дел гостите во театарот дишеа во ист ритам. Атмосферата дојде до точка на вриење благодарение и на една поголема група деца, кои беа гости и беа сметени во најгорниот дел од галеријата. Тие буквално се однесуваа како да се на трибина, не можеа и не сакаа да ги скријат емоциите и љубовта кон клубот кога ќе се појавеше на големиот екран или на бината некој фудбалер на ПСЖ. Искрено, останав без зборови во моментот кога легендарниот бразилски фудбалер, Роналдињо, соопшти дека престижната награда е резервирана за Дембеле. Каква радост, какво навивање, какви песни, извици…како да си на некој стадион во Јужна Америка. Точно дека ѕвездата на ПСЖ се расплака поради присуството на својата мајка, но сигурно пушти некоја солза и поради љубовта што му ја дадоа сите деца што беа присутни во театарот.

Можеби, најголем шок доживеав кога излегов од објектот и видов каков спектакл приредија навивачите на ПСЖ во чест на Дембеле. Огномет, пиротехника, навивање, шалови, знамиња, дресови од сите страни, а околу нив стотици полицајци, кои се грижеа ситуацијата да не излезе од контрола.

Ќе ми бидат потребни уште неколку страници од весникот за да пренесам уште детали од таа ѕвездена ноќ за Дембеле, но и за мене, која стана реалност благодарение на весникот ВЕЧЕР, но и на светски познатата компанија „Delfino Mobility Group“, која веруваше во мене и реши финансиски да ме поддржи и да ми помогне да бидам единствениот Македонец во театарот „Théâtre du Châtelet“.

За крај, убаво е чувството кога знаеш дека си ценет од некој многу голем, дека мојата работа заслужува внимание, а, можеби, ќе дојде и тој ден кога ќе сфатат домашните кој е весникот ВЕЧЕР и дека не сме сите исто, има мали и големи.

П.С. И за крај, специјален поздрав до сите оние што ме навредуваа и ми се закануваа пред неколку години, на социјалните мрежи, дека сум водоводџија, второодделенец, дрво, камен, неписмен, затоа што не сум гласал за Роберт Левандовски. Јас и понатаму гласам, ќе гласам, бев на „Златна топка“ и ќе одам пак, а вие и понатаму да бидете „силни“ зад тастатурата 😉

ИЗДВОЕНИ