Кошаркарската федерација на Македонија (КФМ) соопшти дека три клуба нема да добијат лиценца за настап во Првата лига во сезоната 2026/2027, бидејќи не ги исполниле финансиските критериуми предвидени со новиот систем за лиценцирање.

Првпат Федерацијата воведе лиценцирање што покрај организациските и техничките услови, предвидува и задолжително исполнување на критериумите за финансиска дисциплина. Од КФМ истакнуваат дека сите клубови биле навремено известени за правилата, роковите и за обврските, а било обезбедено и дополнително олеснување за регулирање на долговите.

Крајниот рок за исполнување на финансиските критериуми беше 15 јули, но, според Федерацијата, тимовите на ТФТ, Маџари и на Чаир не ги исполниле условите во предвидениот рок. Поради тоа, КФМ објави дека не е во можност да им издаде лиценца за настап на највисокиот ранг на натпреварување.

Од Федерацијата потенцираат дека одлуката не е насочена против ниту еден клуб, туку претставува доследна примена на Правилникот за лиценцирање и на принципите на финансиска одговорност и еднаков третман кон сите учесници.

Набрзо по објавата реагираше кошаркарскиот клуб Маџари, кој во своето соопштение тврди дека во целост ги намирил сите финансиски обврски кон Федерацијата.

Од клубот објаснуваат дека доцнењето било предизвикано од технички проблем со службеното електронско поштенско сандаче, како и поради периодот на летни одмори, што довело до застој во комуникацијата и реализацијата на плаќањето.

Воедно, од Маџари посочуваат дека објавата на КФМ дошла во незгоден момент, бидејќи очекувале официјален одговор за нивната апликација за настап во АБА2-лигата, процес за кој, како што наведуваат, Федерацијата била целосно информирана.

Клубот нагласува дека верува оти времето на објавување не било тенденциозно и додава дека секое меѓународно учество на македонски клуб е од интерес за домашната кошарка.

  • КК Маџари и понатаму ќе работи транспарентно, одговорно и во интерес на клубот, неговите членови и на македонската кошарка – порачаа од клубот.

Засега останува неизвесно дали намирувањето на обврските ќе влијае врз конечната одлука за лиценцирањето, со оглед дека КФМ претходно нагласи дека рокот за исполнување на финансиските критериуми истекол на 15 јули. Од Федерацијата најавија дека по завршувањето на постапките за другите натпреварувачки категории, ќе ја информираат јавноста за сите донесени одлуки.

ИЗДВОЕНИ