Тетовскиот грав се продава по 500 денари за килограм, ќе правиме гравче тавче со египетски

Тетовскиот грав се продава за 500 денари за килограм и е пет пати поскап од увозниот. Во последно време, граѓаните сè поретко можат да го најдат на пазарите, а и ако го најдат, е многу скап. Затоа сè почесто купуваат увозен од Египет, Турција, Аргентина, Кина, Киргистан... кој е пет пати поевтин од тетовскиот. Земјоделците велат дека тетовскиот грав е скап бидејќи сè помалку се сади. Производството во последнава деценија е намалено за повеќе од 80 отсто и ако продолжи овој тренд, тетовскиот грав, кој е заштитен од државата како географско потекло, ќе исчезне од нивите

130

Тетовскиот грав во последно време сè поретко го има на пазарите, а неговата цена секоја година ги изненадува купувачите. Годинава, гравот на пазарите во Тетово и во Гостивар се продава за 500 до 600 денари за килограм, поради што многумина не можат да си го дозволат. На пазарите и во маркетите во последно време сè повеќе има увозен грав од Блискиот Исток или од Африка и се продава по цена од 110 до 180 денари за килограм. Па, купувачите се прашуваат како да купуваат домашен грав кој е пет пати поскап од увозниот. Секако дека тетовскиот е повкусен, но буџетот не ни дозволува да го купуваме постојано, велат тие.

Земјоделците велат дека тетовскиот грав е скап бидејќи се помалку го има на нивите. Како една од причините за неговото мало производство тие ги наведуваат климатските промени и сушата.

– Климатските промени и долготрајната суша не се погодни за производство на грав. Промената на климата влијаеше на намалување на неговите приноси и во тетовскиот крај кој е познат по производство на оваа култура. Друга причина е што се намалени засадените површини и не се сади како порано. Гравот е специфична земјоделска култура која бара работна рака и во текот на одгледувањето и во текот на бербата, затоа што се бере рачно. Ние немаме доволно работна рака, младите си заминаа, а старите веќе не можат да го одгледуваат, изјави за весникот ВЕЧЕР Ѓорѓи Каракашев, претседател на Националната земјоделска мрежа.

Тој вели дека производството на грав во последнава деценија е намалено за повеќе од 80 отсто, дури и во Тетовско, каде што климатските фактори се особено погодни за одгледување на оваа земјоделска култура. Затоа увезуваме грав од Египет, Турција, Аргентина, Кина, Киргистан…

И според пазарџиите, причината за недостигот на тетовски грав е тоа што не се сади како порано бидејќи нема кој да работи, а гравот бара многу работа. На некои тезги каде што може да се најде, тетовскиот грав се продава повеќе од 500 денари за килограм.

Голем дел од земјоделците од тетовскиот крај кои во минатото произведувале грав, сега веќе неколку години не се занимаваат со таа дејност.

– Целосно се откажав од садење грав бидејќи има недостиг на работна сила, а и државата не го стимулира производството на оваа култура. Не се исплати да се сади грав бидејќи бара многу работа и многу вложување во семе, ѓубрива, заштитни препарати… а потоа го продаваш за џабе, вели тој.

Купувачите велат дека порано купувале грав со вреќи, а сега одат на пазар и купуваат по 400-500 грама колку за еден ручек. Велат дека тетовскиот грав е навистина повкусен од увозниот, но дека ретко го има на пазарите и прашање е дали тој што го има е тетовски.

– Не се знае дали овој што го продаваат на пазарот како тетовски е навистина тетовски или е увозен, па ни го продаваат како тетовски. Зошто да купувам тетовски кога увозниот е пет пати поевтин. На Кванташки пазар, за 600 денари купувам вреќа од 5 килограми египетски грав и можам да правам тавче гравче. И овој е крупен и брзо се вари. Вкусот не е како тетовскиот, но наместо да плаќам 500 денари за килограм, за тие пари ќе купам и колбаси, вели еден пензионер.

И другите купувачи се согласуваат дека цената на тетовскиот грав е многу висока и сè поретко можат да си го дозволат.

Земјоделците велат дека за да се зголеми производството на грав е потребно да се вложува во заштитни средства, заштитни мрежи, а тоа е скапа инвестиција и за тоа треба помош и од државата. Ако продолжи овој тренд на намалување на производството тетовскиот грав кој е заштитен од државата како географско потекло, ќе исчезне од нивите.

Доколку сакаме да го зачуваме гравот кој е дел од нашето културно наследство, треба да го зголемиме производството и да ја намалиме цената со што ќе ја задржиме потрошувачката на овој домашен производ.

(А. С.)

 

ИЗДВОЕНИ