Тетовка спакувала 27 илјади евра и од балкон ги фрлила кон измамникот

925

Голема сума на пари извлекле измамниците, со лажните сообраќајки што ги соопштуваат по телефон, од 79 годишна тетовка. И таа како стотина други жртви паднала на уште една од многуте лаги дека нејзината ќерка направила сообраќајка  и мора итно да се оперира. 16 000 евра и 10 700 швајцарски франци ги спакувала и ги фрлила од балкон на човек кој ги чекал со раширени раце. Претходно на телефон, според информациите од МВР, измамникот и се преставил како лекар, и кажал за сообраќајката и оти мора да плати за операцијата на повредената ќерка. Откако сфатила дека е измамена случајот го пријавила во полиција.

Телефонските измами станаа секојдневие во Македонија, измамниците вообичаено пикираат повозрасни луѓе со семејство, а случаите покажуваат дека жртвите се следени одредено време пред да бидат обработени. Ги знаат имињата на најблиските, а од другата страна на телефонската линија не ретко се јавува жена и уверливо делува давајќи до знаење дека навистина станува збор за сообраќајка.

Така било едно претпладне во домот на семејство од скопски Ченто, повозрасни родители со две ќерки. Заѕвонил фиксниот телефон, некое време откако една од ќерките со автомобил отишла до продавница. Женски глас прашал:

-Имате тука Биљана (така се викала ќерката која била излезена).

-Да тоа е сетра ми, одговорила втората ќерка која одговорила на телефонскиот повик.

–Епа направи сообраќајка, настрада човек, соопштил женскиот глас.

-Ми се пресекоа нозете, раскажува за ВЕЧЕР нејзината сестра која веќе во следното прашање насетила дека станува збор за измама. – Ми кажаа погрешно презиме, навистина постои Биљана со тоа презиме, но тоа не е сестрами туку нашата соседка која живее на неколку куќи од нас, објаснува потенцијалната жртва и се сомнева дека доколку се јавела мајката која е во години сигурно ќе наседнела на измамата.

Минатата недела министерот за полиција Панче Тошковски заедно со полициски слжбеници излезе на скопските улици и лично на пензионерите им укажуваа за последниците од ваквите изманички шеми. Кампања под името „Внимавај телефонски измами“е насочена кон повозрасните граѓани кои се жртви на криминална група.

Најчесто се манипулира со лажна сообраќајна незгода во која измамниците претставувајќи се на телефон како полициски службеник, адвокат, обвинител или доктор ги лажат жртвите дека нивното дете повредило некого во сообраќајна незгода и се обидуваат да извлечат пари од жртвата така што за одредена сума би му помогнале на детето кое е во неволја.

„Измамниците на тој начин се обидуваат да ги злоупотребат повозрасните лица. Апелираме доколку некој добие таков повик е потенцијална жртва на таква измама, никако да не дава пари, да го прекине разговорот веднаш да ја повика полицијата на 112 или 192 и да ги извести и своите најблиски”, апелираше министерот Тошковски.

Во првата половина на оваа година досега се пријавени вакви 16 настани а за период од пет години досега се расветлени 40 настани, при што се поднесени кривични пријави против 16 лица, за сторени 40 кривични дела „измама”, додека за останатите настани се преземаат мерки за нивно расчистување и поднесување на соодветни кривични пријави. (П.А.)

 

 

 

ИЗДВОЕНИ