Тест за добрососедство – понудата стигна, Софија на потег

Понудата за заедничка резолуција на Македонија и на Бугарија за потврда на македонскиот идентитет и на македонскиот јазик стигна на адреса во Софија. Иако без официјален документ, како што рече министерот за надворешни работи, Тимчо Муцунски, предлогот стигна бидејќи беше главна тема во медиумите во Бугарија. Муцунски рече дека Софија е на потег да застане на страната на прогресот, што не е само наш туку и европски интерес. Премиерот Христијан Мицкоски изјави дека заедничката резолуција би била пример двете држави да покажат што значат добри соседи и меѓусебна поддршка. Предлогот на македонскиот премиер предизвика реакции од различни страни. Академик Катица Ќулавкова ја оцени иницијативата како „руски рулет“ за македонската државност, со силна критика дека македонскиот јазик има свој историски континуитет, сопствен дијалектен систем, кодификација и признанија во текот на многувековната историја и не смее да биде предмет на произволни политички и партиски ставови. Универзитетската професорка, Елка Јачева Улчар, исто така предупредува на „потенцијална стапица под маската на европското решение“ и вели дека македонскиот јазик и идентитет се реалност и не смеат да бидат предмет на потврдување. Лидерот на опозицискиот СДСМ, Венко Филипче, пак, рече дека е несериозно да се даваат такви предлози на обични прес-конференции, туку дека треба да се даде такво нешто како предлог во Собранието

605

Предлогот за заедничка резолуција меѓу Македонија и Бугарија со која во Европскиот парламент би се потврдила посебноста на македонскиот јазик и на македонскиот идентитет, веќе пристигна во Софија – ако не формално, тогаш јавно и јасно, преку медиумскиот простор. Шефот на дипломатијата, Тимчо Муцунски, потврди дека и без доставен официјален документ, понудата недвосмислено е тема на сериозна дебата во бугарската јавност. Тој оцени дека сега Бугарија е на потег – да избере дали ќе застане на страната на прогресот и европските вредности. Премиерот Христијан Мицкоски, пак, изјави дека ваквата резолуција би можела да биде позитивен пример за добрососедство и заемна поддршка меѓу двете држави. Мицкоски рече дека неговиот предлог е „одговор на темата што ја отворил бугарскиот претседател, Румен Радев“ и на неговата изјава дека единствен услов биле само промената на Уставот и вклучувањето на македонски граѓани што се изјаснуваат како припадници на бугарската заедница.

– Затоа реков: „Во ред, ако е само тој услов. Еве, пред да дојдеме до тој услов, да го исполниме, заеднички, преку бугарските европратеници да предложиме резолуција со која заедно, како соседи, ќе го потврдиме македонскиот посебен идентитет, македонскиот посебен јазик. А потоа, во знак на добра волја, бугарската држава да ги примени пресудите од Стразбур што се однесуваат на човековите права кои им се ускратени на Македонците во Бугарија, конечно, да ја регистрира „ОМО Илинден Пирин“ за да може „ОМО Илинден Пирин“ да предложи свој претставник во Министерскиот совет за заштита на малцинските права во Бугарија. Еве, заедно да го направиме ова, како добри соседи. Ние нашата обврска, тие нивната обврска – изјави вчера Мицкоски одговарајќи на новинарски прашања во Тетово.

Шефот на дипломатијата, Тимчо Муцунски, рече дека иако без официјален документ, предлогот на премиерот е стигнат во Софија, бидејќи тоа било главна тема во медиумите во Бугарија. Тој истакна дека сега Софија е на потег, како што рече, да застане на страната на прогресот, што не е само наш туку и европски интерес.

– И затоа во моментов, Софија е на потег. Да покаже дали ќе одиме напред во 21 век или дали ќе стои таа заглавена во реториката на 19 век. Јас сакам да верувам во разумот, сакам да верувам во прогресивноста на Софија. Знам дека тоа се тешки одлуки, но за тоа сме избрани сите – да носиме тешки одлуки. И можноста е на страната на Софија да покаже дека ќе застане на страната на прогресот – изјави Муцунски.

Академик Катица Ќулавкова, член на МАНУ, реагира дека предлогот за усвојување заедничка резолуција на Македонија и на Бугарија за потврда на македонскиот идентитет и на македонскиот јазик е „руски рулет“ за Македонија. Таа предупредува дека ваквиот предлог ја загрижува македонската научна и културна јавност и не смее да стане официјален став на државните институции.

– Македонскиот јазик има свој историски континуитет, сопствен дијалектен систем, кодификација и признанија во текот на многувековната историја и не смее да биде предмет на произволни политички и партиски ставови – наведува Ќулавкова.

Таа потсетува дека македонскиот јазик е признат од меѓународната славистика и од лингвистиката; тој е официјален јазик во рамките на Обединетите нации од нивното основање; тој е признаен од најмалку две третини од државите во светот; има значајно место во меѓународните асоцијации на писателите, како Меѓународниот ПЕН; има преведени илјадници дела и автори; тој е заштитен со Преспанскиот договор; бил официјален јазик во Југославија и независна Македонија; се изучува во бројни лекторати во Европа и во светот, а македонистиката е ценета научна дисциплина.

Академик Катица Ќулавкова

– Да се бара од соседна Р Бугарија да поднесеме заедничка резолуција пред Европскиот парламент за признавање на македонскиот јазик, што е ноторен лингвистички и културен факт, е еден вид „руски рулет“ за Македонија, крајно неодговорен чин – истакнува Ќулавкова и апелира Владата да ги поддржи стратешките научни проекти за македонскиот јазик, да ја прошири мрежата на лекторати и да го стимулира неговото изучување наместо да се препушта на политички импровизации и партиски лоби-групи во Европскиот парламент.

Универзитетската професорка, Елка Јачева Улчар, исто така предупредува на „потенцијална стапица под маската на европското решение“. Таа преку социјалните мрежи порача дека усвојување заедничка резолуција во Европскиот парламент со цел потврдување на македонскиот идентитет и јазик, носи значителни ризици и може да создаде уште подлабока и потрајна политичка стапица од онаа што веќе ни е поставена и со Договорот за добрососедство и со Францускиот предлог.

Елка Јачева Улчар, универзитетска професорка

-Токму македонскиот јазик, како изворен словенски јазик со повеќе од илјада години пишувана и усна традиција, со свои први писмени споменици од IX век, со стабилен дијалектен континуитет и жива народна литература од средниот век до денес, не смее да се третира како „новоотворено прашање“. Таквото третирање  не само што оди на рака на тезата дека македонскиот е „вештачка“ или „бугарска норма“, туку ги делегитимира и напорите на генерации македонски интелектуалци, револуционери и културни дејци кои се бореле за своја јазична и национална посебност, вели професорката и додава дека македонскиот јазик и идентитет не смеат да бидат предмет на потврдување – тие се реалност.

Ставот на лидерот на опозицискиот СДСМ, Венко Филипче, пак, е дека е несериозен потегот да се даваат такви предлози на обични прес-конференции, туку дека треба да се даде такво нешто како предлог во Собранието.

– Сметам дека е крајно несериозно да се даваат такви сериозни предлози на обични прес-конференции, премногу е сериозно и важно прашањето да биде само предмет и обид за некаков дневнополитички партиски интерес од страна на ВМРО-ДПМНЕ. Треба да кажат дали имаат сериозен план, дали имаат сериозен план за дипломатска активност, дали имаат сериозен план за одблокирање на евроинтеграциите и имајќи го сето ова предвид, сепак, сметам дека се прави таква работа како предлог во Собранието, нешто во што треба да учествуваат сите политички партии и доколку има таков сериозен предлог, ние апсолутно ќе го поддржиме – рече тој.

Во контекст на барањето за уставни измени и за внесување на Бугарите во преамбулата, шефот на дипломатијата, Тимчо Муцунски, во телевизиско гостување уште еднаш порача дека Владата нема да дозволи по никоја цена да бидат погазени идентитетските обележја на нашиот народ. Тој рече дека и во последната дискусија во Европскиот парламент се докажало дека уставните измени се само еден елемент од сето она што сака да ни го наметне Бугарија во насока на влијание во однос на патот кон полноправно членство во Европската Унија.

Пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Миле Лефков, пак, изминатиот викенд, на прес-конференција, обвини дека бугарските служби и нивните овдешни соработници водат координирана операција против премиерот Мицкоски, Владата и државата.

– Оваа координирана операција нема идеолошка основа. Таа е мотивирана од реваншизам и од очајот на бугарската политика што веќе ги нема своите полтрони во Македонија – рече Лефков на прес- конференцијата.

Македонскиот премиер, Христијан Мицкоски, во телевизиско гостување ја фрли ракавицата пред официјална Софија – ако Бугарија навистина тврди дека единствена пречка за македонските евроинтеграции е внесувањето на Бугарите во Уставот, тогаш нека прифати заедничка резолуција во Европскиот парламент, која јасно ќе ги потврди македонскиот идентитет и македонскиот јазик. Предлогот, кој Мицкоски го истакна како отворена понуда за дијалог и заемно разбирање, остана без одговор од бугарските власти. Пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Антонио Милошоски, ја поддржа иницијативата за заедничка резолуција, но предупреди дека некои бугарски владини претставници имаат скриени намери и отворањето на Уставот е само почеток на многу други барања и многу други изговори за идни блокади. Тој рече дека доколку пречка за македонските евроинтеграции е само внесувањето на Бугарите во Уставот, тогаш не би требало да биде никаков проблем заедно со соседна Бугарија да поднесеме резолуција што ќе ја гарантира македонската идентитетска и јазична посебност, а истовремено ќе ја зголеми и довербата помеѓу Македонија и Бугарија. (В.С.Н.)

ИЗДВОЕНИ