Екипата на Голден стејт уште еднаш во Тексас покажа колку е тешко да се потпреш само на еден човек, дури и кога неговото име е Стеф Кари. „Воините“ ја имаа играта во свои раце против Далас маверикс, но на крајот останаа без одговор и претрпеа пораз – 123:115.

Кари го отвори натпреварот фуриозно, со три последователни тројки и уште тогаш навести дека ќе се обиде сам да го понесе товарот. По првата четвртина, гостите имаа мала предност, а враќањето на Џонатан Куминге на теренот, првпат по долго време, накратко му даде дополнителна енергија на тимот на Стив Кер. Сепак, неговиот престој на теренот траеше само десет минути – постигна десет поени, но мораше рано да оди во соблекувалната поради повреда на коленото.

Далас трпеливо го градеше натпреварот и поведе до полувремето. Третата четвртина донесе нов наплив за Голден стејт: Кари повторно го пронајде својот ритам, а со поддршка од своите соиграчи, тимот влезе во последните 12 минути со пет поени предност. Сепак, потоа следуваше целосен колапс.

Додека беше Кари на клупата, нападот на гостите запре, а Маверикс ја искористи секоја грешка. Маршал и Купер Флег ја водеа серијата на домашниот тим, кој брзо стигна до двоцифрена предност. Инцидентот со Дрејмонд Грин, кој го удри со лакот Двајт Пауел, дополнително ја комплицира ситуацијата за „воините“. Кари се обиде да ја врати неизвесноста, но немаше сила за целосен пресврт.

Најзаслужен за триумфот на Далас беше Наџи Маршал со 30 поени, седум скока и девет асистенции, Купер Флег додаде 21 поен и 11 скока, додека на спротивната страна прво име беше токму Кари со 38 поени и осум тројки од 15 обиди.

Резултати:  Орландо – Шарлот 97:124, Вашингтон – Денвер 97:107, Филаделфија – Хјустон 128:122, Далас – Голден стејт 123:115, Минесота – Чикаго 115:120, Јута – Сан Антонио 109:126, ЛА Клиперс – ЛА Лејкерс 112:114, Портланд – Мајами 127:110.

ИЗДВОЕНИ