Тешка година за Турција: Повеќе од 53.000 земјотреси ја погодија земјата во 2025 година, во просек по 6 земјотреси на секој час

12

Турција беше погодена од вкупно 53.262 земјотреси оваа година, во просек по шест земјотреси на секој час, што ја прави втора година со најмногу регистрирани земјотреси во земјата, веднаш по 2023 година.

Ова денес го изјави Булент Озмен, професор на Универзитетот Гази во Анкара.

Според него, во текот на 2025 година се регистрирани 437 земјотреси со магнитуда поголема од 4 степени според Рихтеровата скала, од кои 412 биле помеѓу 4 и 5, 20 помеѓу 5 и 6, додека пет земјотреси биле помеѓу 6 и 6,9.

„Овие податоци покажуваат дека во просек, Турција доживува еден земјотрес со магнитуда од 4 степени секој ден, земјотрес со магнитуда од 5 или поголема на секои 15 дена и земјотрес со магнитуда од 6 или поголема на секои 73 дена. Ова значи дека земјата е погодена од просечно околу шест земјотреси на час, или 146 дневно“, изјави Озмен за агенцијата „Анадолија“.

Најзначајниот земјотрес во годината, рече тој, бил земјотресот со магнитуда од 6,2 степени што го погоди Силиври на 23 април, што, според него, уште еднаш потврди дека сеизмичкиот ризик во Истанбул останува висок.

Тој издвои два земјотреси со магнитуда од 6,1 степени што го погодија Синдреги на 10 август и 27 октомври како уште една важна серија земјотреси.

Од 10 август, во областа се регистрирани околу 21.000 земјотреси, најголем број досега регистриран во еден округ во Турција.

Озмен предупреди дека Турција сè уште има голем број згради кои не се отпорни на земјотреси, велејќи дека дури и земјотресите со јачина над 5 степени понекогаш предизвикуваат сериозни штети, поради што, како што истакна, е потребно да се забрзаат проектите за реконструкција.

Во земјотресите од 2025 година, три лица загинаа, додека 594 лица беа повредени, сите, рече тој, биле резултат на паника.

Озмен оцени дека овие податоци јасно укажуваат на потребата од зголемување на бројот на обуки за однесување во итни ситуации, кои треба да ги спроведуваат професионални и квалификувани лица, пренесе „Танјуг“.

ИЗДВОЕНИ